СО ДОНАЦИЈА ОД ЕУ, ХРВАТИТЕ ИЗГРАДИЈА КОЛОСАЛЕН МОСТ ВРЕДЕН 400 МИЛИОНИ ЕВРА СО КОЈ СЕ ПОВРЗАА ДИРЕКТНО СО ДУБРОВНИК

0
860

Синоќа беше пуштен за редовен сообраќај Пељешкиот мост, со кој ќе биде споен југот на Хрватска со остатокот од државата. Претходно, на свеченото отворање присуствуваше државниот врв, министри и граѓани. Мостот чини 402 милиони евра, од кои 357 милиони евра се неповратни средства од Европската Унија.

„Проектот го реализиравме на основа на клучното начело на Европската Унија – солидарноста. Дел сме од клубот на најразвиените земји и тоа треба да го знаеме и цениме“, истакна на отворањето хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ рече дека мостот е изграден во интерес на Хрватска, но никому за инат или на нечија штета, посебно не на Босна и Херцеговина.

Властите во Сараево одмамна тврдат дека Хрватска, со изградбата на мостот, на БиХ им го затвораат преминот кон отворено море и дека прво треба да ја утврдат границата меѓу двете држави.

Кинескиот премиер Ли Кечијанг кажа дека Пељешкиот мост, „шареното виножито“, ќе го зајакне пријателството меѓу граѓаните на Кина и на Хрватска.

Мостот го проектирал словенскиот експерт со светски референци, Марјан Пипенбахер. Долг е 2.404 метри и висок е 55 метри, а го градеше кинеската компанија CRBC (China Road and Bridge Corporation). Првично било предвидено мостот да биде на висина од 30 метри, но подоцна било одлучено да биде висок 55 метри.