КОСТАДИНОВСКА – СТОЈЧЕВСКА : АПЕЛИРАМ СИТЕ ПРАТЕНИЦИ ДА ГЛАСААТ ЗА ЗАКОНОТ ЗА УПОТРЕБАТА НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

0
289
Министерката за култура – Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во гостување во утринската програма на МРТВ повторно апелираше предлог-законот за употребата на македонскиот јазик што поскоро да се најде на дневен ред на Собранието и истиот да биде изгласан од пратениците од сите пратенички групи.

Таа одговарајќи на новинарско прашање ја појасни важноста од донесувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик како законска рамка за уредување, развој и правилна употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, нешто што сме обврзани да го направиме.

„Со усвојувањето на Законот ќе се воспостават механизми за негова правилна употреба, потоа во секоја институција што работи со излезни документи ќе се вработи лектор, а ќе биде формиран и Инспекторат кој ќе ја следи правилната употреба на македонскиот јазик“, рече министерката за култура.

Потсети дека минатата недела помина и второто читање на Предлог -законот за употреба на македонскиот јазик за кој веќе беше дискутирано и на повеќе јавни дебати и емисии.

Министерката посочи дека на комисиската расправа беа усвоени 27 амандмани, а што се однесува до оние амандмани кои беа одбиени, меѓу кои и барањето поимот „македонистика“ да се внесе во законот, таа појасни дека не се зборува за Закон за наука за јазикот, туку за Закон за употребата на македонскиот јазик.

„ Македонистиката ги опфаќа и литературата, културата, фолклорот, затоа сметаме дека во овој Закон со кого строго сме фокусирани на унапредување на употребата на македонскиот јазик, не би требало да се проширува и оптоварува со други прашања во однос на јазикот, рече Костадиновска-Стојчевска.