КОВАЧЕВ ГО ЗАСЕНИ И КОНСКО

0
235

Таа доминираше дури и вчера, кога социјалдемократите имаа со што да се пофалат – завршување на изградбата на браната „Конско“, најголемиот водостопански проект изграден во државата во последните 20 години и најголем инфраструктурен проект во гевгелискиот регион во последните 50 години. Браната Конско, подразбира ново вештачко езеро-акумулација и нов систем за наводнување на околу 6.500 хектари земјоделски површини, со што наводнуваните земјоделски површини ќе се зголемат за пет пати.

Обезбедувањето вода за наводнување во текот на целата година ќе значи помали трошоци и поконкурентно земјоделско производство, развој на руралниот туризам, спортскиот и рекреативен риболов, и не само тоа. Со грант од Кралството Шпанија предвидена е и изградба на пловечки фотоволтаици, со што ќе се намали цената на водата за наводнување, а ќе се зголеми енергатската независност на државата. Планирани се и две мали хидро централи – веднаш по завршувањето на браната почнува градба на хидросистем за наводнување.

Овој капитален проект исклучително значаен за земјоделството, како да не беше доволен за дневната агенда на СДСМ, па од партијата повторно посегнаа по старата тема – со кого се фотографирал Ковачев.

„Погледнете ги овие фотографии. Овие од лево, Мицкоски и Силјановска се од политичката партија ДПМНЕ која не напаѓаше затоа што сме го заштитиле македонскиот јазик во ЕУ. А ова од десно е европратеник од соседна Бугарија, познат како главен негатор на македонскиот народ, јазик, култура, историја. Прашањето е што имаат заедничко Мицкоски и Ковачев? Што имаат заедничко Силјановска и Ковачев? Бугарското и македонското ВМРО работат на штета на државата, прават сѐ да ја закочат европската перспектива на Македонија (…) На граѓаните не им треба претседател кој ќе кочи, туку претседател со јасна европска визија кој ќе турка напред по вистинскиот пат”, порача вчера пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски.

Повод да ги повтори тезите

Андреј Ковачев, кој не е европратеник од ВМРО (како што наведува СДСМ), туку е европратеник од ГЕРБ, ваквата неколкудневна реторика ја искористи како шлагворт да ги повтори неговите познати ставови дека „инерцијата од минатото на Југославија сѐ уште ја влече Македонија назад”. Тој на неговиот профил на Фејсбук пред два дена се осврна на фактот дека станал „главна тема во предизборната војна во Северна Македонија”, со оценка дека „тоа во основа не е насочено против него, туку против Бугарија, бугарската историја и се што е поврзано со Бугарите во Македонија”. Притоа ги информира двата изборни штаба во Скопје, дека во последните, повеќе од 15 години, се сретнал, разговарал и се „фотографирал“ речиси со сите политички лидери, премиери, претседатели, министри, пратеници, новинари во Скопје – и леви и десни – вклучително и со оние за кои знаел дека воопшто не се пријателски настроени кон Бугарија.

„Сите тие средби беа јавни и секогаш јас самиот сум објавувал фотографии и мој став за тие средби. На секоја средба, со секој од нив, сум кажувал директно, искрено и без никакво заобиколување што мислам за идеологијата на омраза против Бугарија и Бугарите наследена од комунизмот и титова Југославија, за историските лаги и манипулации сè уште распространувани во јавниот простор и во образовниот систем, и се разбира, за тоа што Гоце Делчев самиот се определувал како Бугарин, како што и браќата Миладинови, исто така Бугари, не го напишале ‘Зборникот’, туку зборник кои самите го нарекле ‘Бугарски народни песни’”, пишува Ковачев.

Изразува надеж и посакува тие негативности да можат да се надминат со храброст од од страна на политичката елита, и Македонија што поскоро да биде дел од Европската Унија.„Мораме да си помагаме во сè, како што тоа го прават Романија и Молдавија и Грција и Кипар! Пријателство и добрососедство, наместо ширење омраза и разединување!“, порача европратеникот од ГЕРБ.

Патриотарство

Уште по првите обвинувањата од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ посочи кој добивал поддршка од Ковачев.„Стево Пендаровски ги сруши македонските позиции и ја понижи нацијата кога кажа дека Гоце Делчев се изјаснувал како Бугарин. Стево Пендаровски беше поздравен и охрабрен за овој свој став лично од Андреј Ковачев. За разлика од поддршката за Пендаровски, Ковачев го нападна претседателот Мицкоски затоа што го повикал Стево да се повлече од тие негови ставови (…) Ова покажува кој ги урниса македонските позиции, и зошто Македонија е понижена и блокирана“, реплицираа од опозициската партија.

Иако не беше спомнат, минатонеделното соопштението на бугарското МНР уследи по изјава на Пендаровски, со која тој и реплицираше на ВМРО-ДПМНЕ .„Дај Боже, не утре, денес да бидат Македонците во бугарскиот Устав, народ наш, тамошно малцинство кое е малтретирано со децении и децении, 70-80 години минимум. Страшни тортури и голготи има поминувано. Меѓутоа, кажете го тој волшебен начин“, рече Пендаровски.

Зборовите „тортури и голготи” не и се допаднаа на бугарската политичка јавност. Замолен за коментар на оваа изјава, бугарскиот претседател Румен Радев вчера изјави дека „односот на одредени политичари кај југозападниот сосед не носи придобивки за нивната држава “.„Според претседателот Радев, во последните месеци политичките сили во РСМ имале доволно време да се убедат дека антиевропското однесување и однос кон Бугарија ја оддалечува РСМ од членството во ЕУ. Јавно политичари во Северна Македонија се обидуваат да ја запознаат реалноста на потешкиот начин“, се вели во соопштението објавено на веб – страницата на претседателот на Бугарија.

За внесувањето на бугарската тема „во внатрешно-политичките игри на РСМ” претходно реагираше и Ангел Димитров, копретседател на заедничката бугарско-македонска комисија за образовни и историски прашања. На прашањето на БНТ дали политичките изјави од Скопје се провокација кон Софија или предизборна игра за внатрешна употреба, Димитров одговори: „И двете“.Според Димитров, „бугарската тема се внесува во внатрешно-политичката конкуренција за мерење на патриотизмот, поточно на патриотарството на политичката сцена“.Патриотарство е збор кој во бугарскиот јазик се користи за некој што пренагласено, изнасилено и само на зборови се претставува и прикажува како патриот.

Извор : DW