БОЧВАРСКИ : БРАНАТА НА ОТИЊА ЌЕ БИДЕ ВО ФУНКЦИЈА ОД ПРОЛЕТТА 2025 ГОДИНА

0
55

„На дело покажавме дека браната на Отиња ја градиме не затоа што е лесен туку, напротив, затоа што е тежок и комплексен проект. Проектот го реализираме со сета пропратна документација, што овозможи денес овој објект да се работи со одличен прогрес. И денеска ми е драго што завршивме со минирањето на теренот на локација „Попова чешма“ каде веќе се отвора фронт за работа за ископ на материјал за насипот на загатот на околу 5.000 метри кубни материјал. Драго ми е што се работи на повеќе локации“, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при неговата посета на објектот овој викенд.

Бочварски присуствуваше на минирањето на локацијата Попова Чешма во Штип со што се остварува потребата материјалот од истата да се користи за изградбата на брана на река Отиња. Тој рече дека освен на оваа се работи и на неколку други локации.

Од буџетот на државата оваа година се издвоени околу 130 милиони денари за изградбата на браната на река Отиња, со што се очекува наредната пролет истата да биде завршена и ставена во функција. Според Бочварски динамиката на реализација на овој проект оди според предвидувањата.

-Согласно динамиката, согласно градежните норми и принципи за градба на вакви комплекси проекти се реализираат еден по еден сите елементи. Кога станува збор за реализација на изградбата на брана на река Отиња за оваа година во буџетот имаме околу 130 милиони денари со што очекувам веќе наредната пролет браната да биде завршен и ставен во функција, изјави Бочварски.

Инаку, изградбата на оваа брана започна кон средината на 2021 година, со инвестициона вредност од вкупно 306 милиони денари. Треба да се напомене дека само Штип како град и општина во Источниот и Југоисточниот дел на Македонија нема вештачко езеро, а со изградбата на браната на култната река таа потреба ќе биде обезбедена.