КОВАЧЕВСКИ : СДСМ СПРОВЕДЕ СИСТЕМСКИ МЕРКИ ЗА СОЦИЈАЛНА ПРАВДА И ПОДОБАР ЖИВОТЕН СТАНДАРД ЗА СИТЕ ГРАЃАНИ

0
118

Денеска, по повод Меѓународниот ден на социјална правда, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, присуствуваше на „Саем на правдата – можности, еднаквост, зајакнување и вработување“, во рамки на кој се одржа панел дискусија.
На панел дискусијата, Ковачевски ги презентираше мерките кои Владата предводена од СДСМ ги презема за обезбедување социјална правда, еднакво и достоинствено општество, за  подобар животен стандард за сите граѓани.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателот на СДСМ, Ковачевски:

„Денешниот панел по повод Меѓународниот ден на социјална правда, беше навистина  организиран прекрасно, со панелисти кои споделија прекрасни искуства. Се разви многу убава инспиративна и плодна дискусија, која што на крајот резултираше со неколку иницијативи кои ќе бидат преточени во законски решенија во периодот пред нас.

Должноста на секоја Влада е да работи на унапредување на животот и на квалитетот на животот за сите граѓани. Токму затоа нашите приоритети и политиките кои СДСМ ги креира и имплементира, се со фокусираност на обезбедување на социјална правда, еднаквост и достоинствено општество за сите наши граѓани.

Најголемиот чекор кон социјалната правда кој го направи оваа Влада е донесувањето на Социјалната реформа во 2019 година. Направивме реформа во правата на социјална и детска заштита и за прв пат во јануари лани ги усогласивме издатоците во делот на социјална заштита со трошоците за живот. Ако ги споредиме со 2016 и 2017 година, денес трошоците од социјална заштита се поголеми за 300%, а само во текот на минатата година беа зголемени за 14,2%, додека оваа година во јануари за 9,3%.

Грижата за сите, не е само слоган, тоа е наша темелна вредност, врз основа на која се креираат сите политики и мерки, за еднакви можности, за подобар живот и секако за секој граѓанин кој има потреба за вакви мерки. Токму затоа системски ги решивме и минималната плата и методологијата за пензиите. Просечна плата денеска, изнесува 630 евра. Тоа се цели 270 евра повеќе во семејниот буџет во однос на времето од 2016 година.

Минимална плата со следното усогласување ќе биде над 22.500 денари. А се сеќаваме кога минималната плата изнесуваше 8.000 денари.  Ние застанавме на страната на работниците, воспоставивме социјален дијалог со синдикатите и резултатот е зголемени и минимална плата и просечна плата.

Воспоставивме дијалог и со Сојузот на здруженија на пензионери, напорно работевме со МТСП, со економските ресори и затоа денес имаме 6.400 денари поголема просечна пензија во однос на 2016 година. Минималната пензија пак е за речиси 50% повисока во однос на она што беше во 2016 година. Пензионерите добиваат повеќе и пензиите ќе продолжат да растат со оглед на тоа дека воспоставивме методологија со која што сега секој март и септември пензиите  ќе растат согласно трошоците за живот и просечната плата.

Работевме во услови на четиригодишна криза, прво здравствена, потоа економска и енергетска, меѓутоа во текот на тие години вративме 2,6 милијарди евра назад кај граѓаните со неколку антикризни пакет мерки. Успеавме да го заштитиме стандардот на граѓаните, им помогнавме на учениците, студентите, младите, пензионерите, ранливите граѓани, самохраните родители, домаќинствата со ниски приходи, земјоделците и компаниите. Никој не беше оставен сам.

После повеќе од 15 години потпишавме Општ колективен договор за јавниот сектор. Во нашата држава овозможивме секој да има право на регрес за годишен одмор .Оваа година за прв пат вработените во Меѓу-општинските центри за социјална работа се стекнаа со ова право кое никогаш не го имале. За 2023 година сите вработени во јавниот сектор добија 10.000 денари регрес, а за 2024 година тој ќе биде поголем со оглед на тоа дека ќе биде 30% од просечната плата.

Горд сум што сум претседател СДСМ, на прогресивна партија која изминатите години се бори за социјална еднаквост, за разлика од нашите претходници кои креираа политики да имаат повеќе побогатите на грбот на сиромашните граѓани, да се создава нееднаквост. Тие создадоа социјална неправда, огромна стапка на сиромашни во државата и држава во која работниците се продаваат како евтина работна сила за 8.000 денари минимална плата. Ние ги идентификувавме клучните предизвици и направивме системски промени со што обезбедивме посигурна и подобра иднина на нашите граѓани.

Тоа дава мотивација да продолжиме понатаму по истиот пат, да продолжиме да обезбедуваме подобри, услови и европски стандарди за живот дома на нашите граѓани.

Честитам на сите кои се вклучени во обезбедувањето на социјални услуги, пред се мислам на МТСП, но и на голем број на институции во рамки на министерството, во рамки на Владата и секако на големиот невладин сектор којшто е вклучен во обезбедувањето на овие услуги како и на странските меѓународни институции кои помагаат во соработката со законски решенија и со проекти и секако на воспоставување на голем број на активности кои не постоеле во нашата држава. Се надевам дека сето тоа ќе кулминира со изработка на еден комплетно нов закон за социјално претприемништво кој ќе овозможи помош за оние кои сакаат да се вклучат во економскиот живот а за тоа се спречени во моментов“.