АРАЧИНОВО ВООПШТО НЕ НАПЛАЌА ДАНОК НА ИМОТ, А ТЕТОВО И ГОСТИВАР НАПЛАЌААТ ПОЛОВИЧНО, ЗАЕВ УПАТИ КРИТИКА – МОРА ДА СЕ СТАВИ РЕД СЕКАДЕ!

0
868

Општина Арачиново е единствената општина што воопшто не наплаќа данок на имот, покажа истражувањето на невладината организацијата Центар за граѓански комуникации за наплата на данок на имот за 2017, 2018 и 2019 година. Образложението од Општина Арачиново е дека немаат база на податоци на даночни обврзници, ниту даночно одделение.

На 11 декември 2020, Владата донесе одлука да го помогне Арачиново со 500.000 евра неповратна помош.

„Владата денеска донесе одлука за одобрување на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година во висина од 30.000.000 денари на Општина Арачиново, како еднократна неповратна финансиска поддршка, за справување со потешкотиите во тековното работење настанати поради ковид-19 кризата“, соопшти тогаш Владата.

Покрај Арачиново, најслаба наплата на данок на имот, според процентот на наплата за овие три години, има во општините: Тетово (55%), Липково (51%), Врапчиште (46%), Желино (42%), Гостивар (40%), Центар Жупа (36%), Долнени (34%), Студеничани (32%) и Маврово и Ростуше (27%).

Најдобар процент на наплата на овој данок имаат општините: Македонски Брод (97%), Ѓорче Петров (97%), Велес (97%), Зрновци (96%), Чешиново-Облешево (96%), Македонска Каменица (96%), Илинден (96%), Кавадарци (95%) и Аеродром (95%).

Според вредноста на наплатениот данок на имот, најдобра наплата има Општина Центар, која просечно наплаќала по 2,3 милиони евра годишно. Над милион евра годишно наплаќале уште: Карпош (2,07), Аеродром (1,37), Кисела Вода (1,33), Гази Баба (1,23), Охрид (1,05), Битола (1,02). Во дури 36 општини овие приходи се помали од 50.000 евра.

Десетте градски скопски општини заедно, прибираат просечно годишно по 10 милиони евра. Ова значи дека половина од вкупниот данок на имот во земјава се прибира во Скопје. Скопските општини ги делат приходите од данокот на имот со Градот Скопје, согласно донесените одлуки за утврдување на стапките на даноците на имот.

Во Арачиново има многу често изрази на насилство кога се бара да се наплати данок на имот и треба да се стави ред и поредок, кажа премиерот Зоран Заев во вечерашното гостување на ТВ Сител. Според истражувањето на невладината организацијата Центар за граѓански комуникации за наплата на данок на имот за 2017, 2018 и 2019 година, Општина Арачиново воопшто не наплаќа данок на имот, а образложението е дека немаат база на податоци на даночни обврзници, ниту даночно одделение.

„Се плаќа, ама многу малку. Таму има многу често изрази на насилство кога се бара да се наплати данокот на имот и треба да се стави ред и поредок. Тоа е изворен приход на општината и треба да го направи тоа. Општина Арачиново никогаш не се развивала како што развива од 2017 година наваму. Но, ќе кажам под наводници, со државни пари. Се решаваат историски прашања, школи се реновираат, општинска зграда се гради, се гради канализација, се изгради резервоар во едно од селата во општините, се прават улици, улично осветлување“, рече Заев.

За данокот на имот премиерот вели дека е 2 отсто од приходот на општините, но, како што кажа, поважна е пораката дека граѓаните треба да плаќаат данок за да се гради инфраструктура во општините. Тој рече и дека руралните општини како Арачиново потешко го наплаќаат овој данок, за разлика од урбаните општини, каде што, според него, е полесно да се наплати.

„Но, апелирам граѓаните да си ги плаќаат давачките кон општините, тоа не се многу пари еднаш годишно се плаќа“, рече Заев.