Во продолжение Ви ја пренесуваме интегрално изјавата на претседателот на Владата, Ковачевски:
Денес имавме продуктивен ден, така како што очекував, на две работни сесии на кои разговаравме пред сѐ за интеграцијата на регионот во единствениот пазар на ЕУ како една од клучните придобивки која ќе обезбеди брз економски раст и развој, подобри можности за граѓаните и деловната заедница, подобар животен стандард, нови инвестиции, подобри плати и се разбира подобра инфраструктура.
Разговаравме и за напорите за обезбедување на енергетска и дигитална транзиција во контекст на моменталната геополитичка состојба и економско-енергетската криза во која живееме. Северна Македонија е посветена на имплементацијата на Зелената Агенда и ние сме и предводници во оваа смисла, со оглед на фактот дека кризата ја препознавме како можност и енергетската транзиција кај нас е веќе реалност.
Исто така утрвото имав состанок и со г. Вархеји на кој покрај тоа што разговараме за текот на скрининг процесот бидејќи тој е комесар за проширување , меѓутоа во неговото портфолио има, влегува и заедничкиот европски пазар во делот на инфраструктурното поврзување конкретно разговаравме во однос на дигиталното поврзување како и за воведувањето на механизми и алатки кои ќе го овозможат тоа за земјите од Западен Балкан во однос на размента на податоци и побрзо интегрирање со системи според европските директиви за интегрирање во заедничкиот европски пазар.
Минатата година, на претходниот Самит потпишавме три договори кои внесоа нова енергија во регионот. Еден од нив беше и Договорот за меѓусебно признавање на професионалните квалификации за докторите, стоматолозите и архитектите. Оваа година потпишавме уште еден, со кој ги вклучуваме и останатите четири регулирани професии според директивите на ЕУ – медицински сестри, ветеринарни хирурзи, акушерки и фармацевти. И ова е навистина голема придобивка за граѓаните на регионот, особено на овие експерти, со оглед на тоа дека ќе обезбеди и поквалитетен пазар на труд и крајно и поквалитетно образование во однос на овие професии со оглед на тоа што веќе ќе можат да функционират на заедничкиот пазар на сите земји на Западен Балкан.
Според досегашната пракса, и овој Самит ќе бидат испорачани и Заклучоци а дел од истите е усвојувањето на Регионалната заедничка изјава за спречување на загадување од пластика, Заедничката декларација за единствениот европски платен простор, Заедничката декларација за иницијативата за WiFi за Западен Балкан по примерот на иницијативата во ЕУ, Заедничката декларација за основање на опсерваторија за конвергенција на Западен Балкан која се однесува на спроведување на системи со која ќе може да се следи развојот и напредокот на земјите од ЗБ во однос на клучни показатели споредено со економскиот развој на земјите членки на ЕУ а со цел приближување на економскиот стандард на земјите од Западен Балкан со оној кој го имаат земјите од ЕУ, секако проследено со конкретни активности кои се дел од планот кој се заснова од 4 основи претставен од претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лејен и Заедничката декларација за олеснување на трговијата и транспортот кои се сметаат едни од клучните елементи за зголемување на економската активност, за олеснување на нецаринските бариери, за забрзување на транспортот и се разбира за зголемување на трговијата помеѓу земјите од регионот.
Регионалната соработка, преку платформи како што е Берлинскиот процес е клучна за да се оствари целиот потенцијал кој го поседува регонот. Тука секако зборувам и за мобилноста и признавањето квалификации, зборувам и за Заедничкиот регионален Пазар, чиишто и претставникот на ЦЕФТА и на РСС и на РИКО, сите беа присутни на самиот состанок за што можевте да се уверите, како и претставници на ЕБОР, СБ, на ОЕЦД.
Ги поздравивме и имплементациите на активностите кои претходно беа договорени и потпишани, на пример бесплатниот роаминг за земјите од Западен Балкан, меѓутоа и драматичното намалување на трошоците со ЕУ, којшто договор беше потпишан на претходниот состанок и тоа меѓу земјите од Западен Балкан, Европската Комисија и 38 телекомуникациски оператори кои оперираат на овој простор и секако дека претставува големо олеснување за граѓаните.
Тоа се конкретни придобивки од ваква регионална соработка. Берлинскиот процес ќе продолжи да го подигнува на нивото на политичка соработка, за нас претставувајќи многу значаен елемент на патот кон евроинтеграциите и пристапниот процес.
Во рамките на овогодинешниот процес беа организирани и други состаноци, а кои што беа наменети за младите во организација на РИКО, потоа состаноци на министри за надворешни работи и на други сектори преку кои се зголемува соработката, се зголемува комуникацијата, се зголемува размената на студенти, на граѓани а секогаш таа размена влијае на зголемување на довербата и се разбира на намалување на конфликтите и зголемување на соработката меѓу земјите.
Исто така денес во Тирана беа отворени и просториите на подружницата на Колеџот на Европа кој практично е подружница која ќе биде во Тирана меѓутоа е наменета за сите земји од Западен Балкан и стипендиите кои ќе бидат обезбедувани од страна на ЕУ ќе важат и за студентите од нашата држава како и за сите други земји од просторот на Западен Балкан. Остварив и повеќе важни билатерални средби.
Се сретнав со претседателката на Европската Банка за Обнова и Развој, Одил Рено-Басо, со која разговаравме за континуираната поддршка која земјата ја добива од ЕБОР при реализацијата на нашитее приоритети. Таа поддршка е многу важно да продолжи и понатаму, во регионалните иницијативи, во интерес на натамошен развој на регионот и заедничка иднина во Европската Унија.