СТОЈЧЕВСКА : СЕКОЈА ПОСЕТА НА ОХРИД Е ИСКЛУЧИТЕЛНА БИДЕЈЌИ НАШИОТ БИСЕР ИМА НАСЛЕДСТВО КОЕ Е НАША ГОРДОСТ

0
418
Секоја посета на Охрид е исклучителна бидејќи нашиот бисер има наследство кое е наша гордост.

Денеска заедно со директорката на Заводот и музеј од Охрид, Ирена Шајн, ја посетивме Самуиловата тврдина, една од најголемите средновековни фортификациски градби во Македонија и симбол на градот без кој не може да се замислат неговата урбанистичка физиономија и историја. Исто така го посетивме и археолошкиот локалитет ,,Плаошник”.
Стручните екипи на Охридскиот завод и музеј посветено работат на проектот за конзервација и доистражување на просторот од Самуиловата тврдина/Цитадела со цел ревитализација на целиот простор заради целосна презентација. Овој проект се реализира четврта година по ред, а веруваме дека следната година, Самуиловата тврдина ќе биде целосно подготвена за презентација, со што уште повеќе ќе се подигне квалитетот на културната и на туристичката промоција на Охрид.
Ја посетивме и црквата „Света Богородица Болничка“, во стариот дел од градот Охрид, која датира од XIV век, каде што со поддршка од Министерството за култура, како продолжување од минатата година, се одвива проектот за конзерваторско-реставраторски работи на живописот на црквата. Стручните екипи ме информираа дека последните интервенции врз фрескосликарството биле во 1959-69 година.
Античкиот театар е културен бренд на Охрид, а годинава, по две децении од повторното ставање во функција на овој локалитет, Заводот и музеј од Охрид изврши комплетна промена на дрвената конструкција со нова безбедна и функционална за многубројните посетители. При посетата, разговаравме за подобрување на условите за изведба на оваа прекрасна сцена на отворено.
Заводот и музеј од Охрид е една од институциите кои покажуваат дека и во културата се возможни самоодржливоста и обезбедувањето средства од сопствени приходи.
Според информациите од оваа национална установа, Самуиловата тврдина од почетокот на годинава имала рекордни 90 000 посетители, Куќата на Робевци над 9000 посетители, а Заливот на коските оваа година има 70 000 продадени влезници. Овие бројки се показател дека културата е ресурс кој придонесува за развој на општеството.
Меѓу другото, разменивме мислења и за актуелните случувања во рамките на УНЕСКО во сферата на заштитата на културното и природното наследство.
Останува престижниот статус на Охридскиот Регион, но останува да се работи на препораките на УНЕСКО за негово зачувување. За да се постигне успех во тоа, неопходно е секој да го понесе својот дел од обврските – и централната власт и локалната самоуправа и граѓаните. Охрид го заслужува сето тоа.