КОВАЧЕВСКИ ПРИФАЌА ДО СЕПТЕМВРИ ДА СЕ ПРОДОЛЖИ РОКОТ ЗА НОВИ ДОКУМЕНТИ, НО ИМА ЕДЕН УСЛОВ

0
352

Владата на седница ќе ја разгледува можноста за пролонгирање на рокот за вадење нови патни исправи со Северна во името на државата, како што предлага претседателот на државата Стево Пендаровски. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека ќе се консултира со двајцата министри со кои разговарал претседателот Пендаровски околу можноста за законски измени во меѓународниот договор, но посочи и дека и претседателот може да помогне во процесот.

За мене се добри сите предлози кои што можат да унапредат нешто. Верувам дека и претседателот може да се чуе со претседателката на Грција бидејќи сепак и тоа е нивото на кое може да се комуницира. Ќе поразговараме на седница на Влада во однос на можноста ова да се направи. Претседателот најдобро знае бидејќи тој беше вклучен во подготовката на Преспанскиот договор, при зачленувањето во НАТО, беше координатор за НАТО, веројатно има повеќе детали како би можело тоа да се реши на меѓународно ниво со Грција, и зошто да не, рече премиерот Ковачевски на денешното свечено отворање на новата поликлиника во Сарај.

Ковачевски нагласи дека обврската за нови документи произлегува меѓународен договор кој овозможи да станеме членка на НАТО,  таа обврска е законски регулирана во Собранието и на сите им е добро позната во текот на изминатите години. Владата овозможила олеснување на процесот за вадење нови документи со дополнителните пунктови кои ги отвори МВР, но очигледно е за Ковачевски дека нивниот број треба да се зголеми.

Еве претседателот Пендаровски што има предлог, да видиме дали може да бидат направени тие законски измени бидејќи да направите законски измени без согласности на сите кои се потпишани, а се работи за меѓународни документи, не би било така едноставно и прашање е колку би било применливо. Еве сега сепак ќе пробаме се, вели премиерот Ковачевски.

Претседателот Пендаровски вчера во телевизиско интервју на „Сител“ посочи дека законскиот рок 12 февруари за вадење на новите документи со законски измени за еден ден може да се смени и да се пролонгира до септември поради големиот метеж на пунктовите.