(ВИДЕО) Шекеринска: Обезбедуваме власт што ќе мора да дава отчет

0
1726

sekerniska 4

Половината од законите воопшто не биле објавени, а за 47 отсто од објавените немало време граѓаните да испраќаат забелешки. Годинава Министерството за образование поднело 21 закон, а дури 18 биле ставени на консултација, рече Радмила Шекеринска пред граѓаните денеска на трибина што се одржа во сала во Скопски саем.

Таа најави дека СДСМ ако победи на изборите наредната година ќе воведе законска процедура што ќе мора да ја следи секој министер а која ќе предвидува во процесот на носење на законите да бидат вклучени сите засегнати страни.

Таа најави и промена на законот за јавни набавки, со кои ќе се спречи местење на тендерите.

– Сега има една фирма на која граѓаните и плаќаат многу пари зошто таа ги организира полагањата на испитите што се неопходни за да се конкурира за вработување во јавна администрација, Истата таа фирма добива два милиони евра од државниот буџет на тендер на кој се бараат 26 документи… Уште да напишеле дека сопственикот треба да има сини очи – рече Шекеринска.

Таа рече и дека Македонија станала земја со најмногу офшор компании, чии тајни сопственици се високи структури во власта почнувајќи од премиерот па надолу. СДСМ предлага овие компании да добијат рок во кој ќе мора да ги објават своите вистински сопственици.

Шекеринска најави дека тие во текот на целиот мандат нема да купуваат мебел, а заштедите што ќе ги направат ќе се користат за градење на студентски домови и детски градинки. Во однос на администрацијата, која е преобемна и непродуктивна, СДСМ ако дојде на власт ќе се воведе флексибилно работно време, а институциите ќе работат и попладне.

Шекеринска рече и дека земјава има голем број пратеници, а за споредба ја даде Германија, каде има еден пратеник на 127.768 жители и Србија каде еден пратеник застапува 28.656 граѓани. Кај нас оваа бројка е 17.130. Таа констатираше и дека имаме преголем број министерства.

– Македонија е сиромашна земја која нема пари за граѓаните, но има за да плаќа плати на пратениците и министрите. Ние ќе го намалиме бројот на министерства на 20, а во парламентот ќе покренеме иницијатива за намалување на бројот на пратеници – нагласи Шекеринска.