КОВАЧЕВСКИ ЗА ,,360 СТЕПЕНИ” : ИНСТИТУЦИИТЕ БРЗО И ПРОФЕСИОНАЛНО ПОСТАПИЈА, СЛУЧАЈОТ ДА НЕ СЕ КОРИСТИ ЗА ПОЛИТИЧКИ ЦЕЛИ

0
248

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во вечерашната емисија „360 степени“ на МРТ 1, за двојното убиство, истакна дека надежните институции професионално ја извршиле нивната должност.

„Најпрвин морам да изразам уште еднаш згрозеност од овој монструозен чин кој се случи во нашата држава и уште еднаш да ја поздравам брзата, професионална акција којашто ја спроведоа МВР, Јавното обвинителство, во соработка подоцна и со МВР на Србија, Бугарија, Турција и Хрватска со цел идентификување и приведување на сите сторители на овој грозоморен чин“, рече премиерот Ковачевски, кој упати благодарност за професионалноста на припадниците на Министерството за внатрешни работи.

„Што се однесува до ставовите на ВМРО-ДПМНЕ и на други политички партии коишто сакаат овој грозоморен чин да го искористат за политички цели како што тоа впрочем го правеле и со другите во минатото, сметам дека е апсолутно несоодветно, дека на таков начин се нанесува штета и на истрагата меѓутоа и на семејствата на трагично починатите. И, како што кажав и денес на прес-конференцијата доколку било кој, вклучително и претседатели на политички партии имаат било какви информации во однос на случајот и во однос на истрагата треба веднаш да ги споделат со Обвинителството бидејќи во спротивно прикривање на докази е кривично дело“, истакна премиерот Ковачевски во интервјуто за „360 степени“.

Во однос на коментарите на опозицијата дека имало доцнење во истрагата, премиерот Ковачевски посочи дека јавноста била известена за текот на истрагата.

„Значи, сето она што требаше да биде споделено како факт и како факти го направи МВР и Јавното обвинителство. И вие самите бевте сведоци и целата македонска јавност за деталите во коишто и министерот и обвинителот објаснија за информациите коишто ги имаат добиено во текот на истрагата и за се она што беше направено со цел на идентификување на местото каде што се наоѓа и последното лице коешто, практично, според она што го кажуваат е организатор и извршител на овој грозоморен чин. А Министерството за правда веќе информираше дека ги подготвува сите потребни документи за правење на најбрза можна екстрадиција од Турција во Македонија“, изјави премиерот Ковачевски во вечерашната емисија „360 степени“ емитувана на МРТ1.