КОВАЧЕВСКИ ЗА ФОКУС : ЌЕ ИМАМЕ ДВОЈНА ПОБЕДА НА ИЗБОРИТЕ И ВО СЛЕДНИОТ МАНДАТ ЌЕ ЈА ВНЕСЕМЕ ДРЖАВАТА ВО ЕУ

0
337

На парламентарните избори победник ќе биде проевропската коалиција, а јас ќе бидам мандатарот на таа влада и со таа проевропска Влада, во следниот мандат, Северна Македонија ќе биде земја членка на Европската Унија, вели претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју за неделникот Фокус.

-Тоа е моето ветување, желбата на мнозинството наши граѓани која преземам обврска да ја остварам, за доброто на целиот наш народ. Ние подадовме рака на сите проевропски, демократски сили, вратата е отворена, да ја оствариме заеднички целта – Северна Македонија, земја членка на ЕУ. Националистичките наративи се резервирани за оние кои немаат што друго да понудат, кои немаат ниту визија, ниту идеја, ниту програма. ВМРО-ДПМНЕ така владееја 11 години, легитимно е рaзмислувањето дека тие повторно би прибегнале кон националистички наративи. Но, сметам дека општеството нема ги прифати, веќе е видено колку се тие проѕирни и штетни, вели Ковачевски.

Во интервјуто, претседателот на СДСМ и премиер Ковачевски, зборува и за европскиот фронт кој како иницијатива беше покренат уште минатата година и чија што цел е обединување околу европскиот пат на земјата.

-Тоа е политички концепт кој во својата суштина е државнички концепт за иднината, визија која ја делиме. На овој концепт гледам како на потреба на земјата заради нејзината иднина. По лидерската средба и формалната покана за формирање на широк Европски фронт кон сите политички и општествени чинители коишто го поддржуваат членството во ЕУ е логичен след, продолжение. Во оваа насока ги повикавме сите политички субјекти, граѓански организации и здруженија, активисти, сите кои го поддржуваат европскиот пат и сите кои иднината на земјата ја гледаат како полноправна членка на ЕУ, да придонесат и да се приклучат во Европскиот фронт, потенцира претседателот Димитар Ковачевски во интервју за неделникот „Фокус“.