КОВАЧЕВСКИ ЗА МИА : ВО ВРЕМЕ НА НАЈГОЛЕМА КРИЗА ГИ ЗАШТИТИВМЕ ГРАЃАНИТЕ И КОМПАНИИТЕ И ОБЕЗБЕДИВМЕ СТАБИЛНА ЕКОНОМИЈА

0
405

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во интервју за МИА, говори за предизвиците на Владата во справување со економската и енергетската криза. Премиерот говорејќи за антикризните мерки кои ги обезбеди Владата, потенцира дека освен што се застана во заштита на граѓаните, се обезбедија и услови за работа на компаниите во време на криза, бидејќи нивниот развој значи стабилна економија.

„Ние од почетокот на минатата година донесовме мерки во износ од 760 милиони евра коишто според Светска Банка сме оценети како земја со најголем пакет на антикризни мерки во однос на сите држави во регионот. Со тоа обезбедивме пет пати пониска цена на електрична енергија за сите граѓани, не дозволивме ценовен шок, обезбедивме три пати пониска цена за електрична енергија за регулираниот пазар, односно за 72 илјади компании коишто вработуваат 98% од работниците во државата. Обезбедивме субвенционирана цена на електрична енергија за прехранбената индустрија во делот на производство на основни прехранбени производи како и за училиштата со цел одржување на непречена настава и за комуналните претприја со цел непречено снабдување вода во сите општини”, вели премиерот Ковачевски во интервју за МИА.

Економската криза не беше пречка за раст на минималната плата како и зголемување на пензиите.

„Минималната плата во моментов е 20.175 денари што ако го споредиме со минималната плата којашто беше во времето на претходната Влада, на ВМРО – ДПМНЕ, 8.000 денари е неколкукратно зголемување. Ако порано беа потребни четири ипол минимални плати за задоволување на една потрошувачка кошничка, сега се потребни 2,1 минимална плата за задоволување на потребата на една синдикална потрошувачка кошничка за едно четиричлено семејство. Во делот на пензиите исто така направивме историско зголемување на пензиите, само последното согласно со новата методологија којашто ќе важи од овој месец е 8,4% зголемување на пензиите. Тоа значи во една календарска година дека пензиите се зголемени за 16%. Со следното зголемување коешто следува во септември оваа година пензиите за овој период ќе пораснат за 25% што никогаш се нема случено во историјата”, вели премиерот Ковачевски.