КОВАЧЕВСКИ : ЕКОНОМСКАТА СОРАБОТКА СО ТУРЦИЈА СЕ ЗАЦВРСТУВА, СОЗДАВАМЕ УСЛОВИ ЗА ПОВОЛНА БИЗНИС КЛИМА ЗА СТРАНСКИТЕ И ДОМАШНИТЕ ИНВЕСТИТОРИ

0
581

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска во Истанбул имаше средба со претставници на бизнис заедницата од Турција, како и компании кои имаат инвестиции во различни сектори во нашата држава.

На средбата присуствуваа и амбасадорот на Северна Македонија во Анкара, Јован Манасиевски, генералниот конзул на Северна Македонија во Истанбул Актан Аго, почесниот конзул на Северна Македонија во Турција Есер Џевахир, како и претседателот на Деловниот совет меѓу Северна Македонија и Турција и почесен конзул на Северна Македонија во Измир, Билал Кара. Присутни беа и претставници на најголемите компании во турска сопственост во земјава, како и дел од нашите инвеститори во Турција.

Премиерот Димитар Ковачевски, на средбата, потенцираше дека Северна Македонија и Турција имаат традиционално добри пријателски односи кои позитивно влијаат на јакнење на релациите помеѓу двете држави, што е важно за унапредување на билатералната и економската соработка.На состанокот беше истакнат фактот дека Турција е меѓу првите 10 трговски партнери на Северна Македонија, што од двете страни беше поздравено како стимул за понатамошно зајакнување на соработката.

Беше разговарано за економската соработка со Турција, за која заеднички беше констатирано дека се зацврстува, во што значаен удел има и работата на владината Мешовита комисија за економска соработка.На состанокот беше оценето и дека вкупната трговска размена меѓу двете земји е задоволителна, при што беше изразена волја за зголемување на трендот на соработка на повеќе полиња.

Нагласувајќи дека Турција е важен трговски и инвестициски партнер, премиерот Ковачевски рече дека турските инвестиции се едни од најзначајните и најголемите во државава, со што се отвораат работни места и директно се влијае на растот на домашната економија.Осврнувајќи се на конкретните чекори за стимулирање на странските инвестиции, премиерот Ковачевски рече дека Владата создава поволен деловен амбиент за инвестиции, што е препознаено како од странските, така и од домашните компании.

Како резултат на поволната бизнис клима, странските и домашните компании ги зголемија и проширија своите бизниси. При тоа, премиерот Ковачевски нагласи дека оваа Влада обезбеди највисока финансиска поддршка и тоа за најголем број компании во изминативе пет години, а оваа поддршка ќе продолжи и во текот на оваа година.
На средбата беа разменети мислења и за извонредните постигнувања во делот на странските директни инвестиции во Северна Македонија, коишто во текот на 2022 година бележат повеќе од двоен раст во споредба со 2016 година.