КОВАЧЕВСКИ, ДОМАЌИН НА ИФТАРСКА ВЕЧЕР : ОБЕДИНЕТИ ВО ВИСТИНСКИТЕ ВРЕДНОСТИ, ГРАДИМЕ ЗАЕДНИЧКА ИДНИНА

0
374
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, вечерва е домаќин на Ифтарска вечер, на којашто присуствуваат поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул Улема хаџи хфз. Шаќир ефенди Фетаи, министри и членови во Владата на Република Северна Македонија, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, пратеници, претседатели на политички партии, уредници и други гости.

„ Во оваа Ифтарска вечер, еве седиме заедно на маса, го делиме лебот, споделуваме меѓусебна почит – и ова е најдобар одраз на вредностите кон коишто сме определени. Тоа е сплотеноста, во еднакво општество за сите, во кое што заедно ги надминуваме предизвиците и заедно ги отвораме перспективите, градиме иднина – за секој човек, за секое семејство, за нашата заедничка држава, којашто е наш заеднички дом“, порача премиерот Ковачевски.

Тој посочи дека годинава рамазанскиот пост се преклопува со велигденскиот пост, дека се пости различно, но дека пораките на двата верски празника – и на Рамазан и на Велигден, се исти.

„Да сакаме, да сочувствуваме едни со други, да простуваме, да имаме разбирање едни за други“, повика премиерот Ковачевски.

Рамазан, како што рече премиерот Ковачевски, се смета за месец на обнова на душата и телото, затоа што е шанса да се согледа и прифати вредното.

„Ифтарската вечер, којашто ги спојува членовите на семејствата, роднините, пријателите, којашто го слави заедништвото – е само потврда дека обединетоста е меѓу врвните вредности. Затоа што, секој сам можеби може. Но, сите заедно, сигурно можат – и повеќе и подобро.

Во пресрет на Рамазан Бајрам, ви пожелувам на сите добро здравје, спокој, радост во домовите. И да го чуваме и негуваме ова наше заедништво, во општеството по кое станавме пример и во регионот и во Европа, како се учи, работи, живее заедно, во мир.
Ви посакувам пријатен Ифтар и благодарам што сте тука“, се обрати на Ифтарската вечер до присутните, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.