(ВИДЕО)Источна Македонија на „смртна постела“: Младите беровчани масовно заминуваат на печалба

0
1451

Камбаната во Берово бие речиси секој трет ден. Знак дека некој го напуштил овој свет. Додека старите луѓе умираат, опаѓа бројот на новородени.

За време на празниците, градот е пуст и ги изневери очекувањата на жителите дека ќе се раздвижи народ по улиците.

Млади речиси и да нема, но за нив нема ни работа. Најчесто го бараат спасот одејќи на печалба со Америка, Германија или Дубаи. Ретко кој од нив се враќа во родното место.

Последните 5-6 години, нагло иселување има, најлошо е што најквалитетните кадри се иселуваат, остануваме ние тука малце постари или бизнис што имаат започнато и тоа е тоа, вели еден граѓанин на Берово.

Секое работно место е ниско платено. Некои 900 денари. Дали тоа е плата. Кога знаете дека некој ваш врсник зема минимална плата од 1000 евра а ти земаш од 150 евра. Тоа е проблем за иселување. Ако има можности да земаш поголема плата секако дека би сакал да се иселам иако 20 години живеам овде, сепак доколку ми се пружи прилика би се иселил од тука, додава еден помлад жител на Берово.

Невработеноста е најголем проблем кој ги става на мака беровчани. Освен две поголеми конфекции и неколку помали бизниси, тешко се доаѓа до работа.

Ниту најавуваните владини странски инвестиции не успеаја да го заживеат Берово. По само половина година функционирање, пропадна турската инвестиција на „Улмак амбалаж“ вредна 1,5 милиони евра.

Фирмата веќе се наоѓа во стечај и остави на улица 60-тина луѓе.

Никаков абер за заинтересирани инвеститори нема ни за индустриската зона, чија изградба ја означи премиерот Никола Груевски, најавувајќи ја како успешен проект и околу 300 вработувања за тамошните жители.

6 месеци по ставањето камен темелник на технолошко индустриската зона во Берово се уште не се одвиваат никакви активности. Просторот претставува една нива и ги чека потенцијалните инвеститори кои треба да дојдат да инвестираат во Малешевијата.

Се потешката егзистенција во градот сметен на истокот, ги приморува луѓето на печалба по светот. Според жителите, градот според бројот на жителите е преполовен и изнесува околу 3.500, а околу илјада луѓе целосно ги напуштиле домовите и се иселиле во странство.

Видеото ОВДЕ