КОВАЧЕВСКИ : ДОГОВОРОТ СО „БЕХТЕЛ И ЕНКА“ Е НАПРАВЕН СПОРЕД ЗАКОНОТ ШТО ГО ИЗГЛАСАА ПРАТЕНИЦИТЕ

0
456
Договорот за изградба на коридорите 8 и 10-д, кој како и секој друг комерцијален договор, е склучен меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и изведувачот на работите, во себе содржи заштитни клаузули кои му даваат степен на доверливост на тој договор, вели премиерот Димитар Ковачевски.

-Едната од страните во договорот има наведено свои технолошки процеси, техничко-технолошки методи кои ги користи, како и ценовни структури кои не сака да дојдат во посед на нивни конкуренти, со оглед на тоа дека тие работат и на други проекти. Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградбата на коридорите 8 и 10-д има ниво на доверливост, но тоа не значи дека некој нешто сака да сокрие – изјави Ковачевски на Сител.

Во однос на одговорот од Амбасадата на САД со кој се оградија од договорот на Владата на Северна Македонија со конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д, Ковачевски рече дека во него е многу јасно и точно се наведува дека американската амбасада го поддржува инфраструктурното унапредување на нашата држава.

-Амбасадата на САД поддржува, исто како што јас поддржувам американски и компании од ЕУ, како и од наши партнерски држави да бидат дел од нашите инфраструктурни проекти. Токму ‘Бехтел’ е една од најголемите американски компании во делот на изградба на инфраструктура. Самиот договор е правен врз основа на специјалниот закон и врз основа на запазување на сите процедури – рече тој.Според премиерот, пратениците ќе се уверат дека договорот е направен согласно Законот кој тие го предложиле и го изгласале.

-Самите ќе се уверат преку расправата која ќе биде во Собрание, бидејќи вчера соопштивме дека сме подготвени, кога ќе се закаже соодветна Комисија во Собранието, цел тим од Владата, заедно со договорот, со сите детали и со презентација да отиде и на пратениците тоа да им го објасни. Не треба паушално да се излегува со обвинувања, како што тоа го прави опозицијата. Тие тоа го прават чисто за да држат тема против ваков голем проект бидејќи другите теми веќе и не можат да ги држат – истакна Ковачевски.За обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека за изградба на коридорите 8 и 10-д ќе се носат 70 отсто работници од странство, тој рече:

„Значи, 51 отсто од вредноста на проектот треба да биде според договорот изработен од страна на македонски компании. Кога велиме вредноста на проектот, тука влегуваат сите оние работи кои се суштински за изработка на проектот, значи асфалтирање, градежни механизации, како и логистички работи во делот на поддршка на изградбата на проектот. Во делот на работниците ние и денеска имаме македонски компании кои покрај македонски работници, вработуваат работници од странство…“.