КОВАЧЕВСКИ : ДОБРО Е ШТО СЕ ОТВОРИ ДЕБАТА, ПАРТИИТЕ ТРЕБА ДА СЕДНАТ НА МАСА ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ

0
449

Добро е што се отвори дебата за уставни измени и политичките партии треба да седнат на маса за да разговараат за уставните измени, порача премиерот Димитар Ковачевски откако изминатите денови опозициските партии Алијанса за Албанците (АА) и Беса поставија услов – формулацијата „20 проценти“ во Уставот да се замени со „албански јазик“, а за возврат тие да го поддржат вметнувањето на Бугарите и другите народи во Преамбулата од Уставот.

„Добро е што се разговара за уставните измени, гледате дека се отвори дискусија. Сметам дека тоа треба да биде процес кој се одвива како и досега, низ процедура која е пропишана со нашите закони.

Штом ќе биде отворена таква процедура кога ќе се види дека има консензуална волја тоа да се направи, а гледам дека сите политички партии веќе имаат позитивен однос кон уставните промени, па дури и оние кои беа изречно против сега кажуваат дека врз основа на одредени услови би поддржале уставни промени. Сметам дека треба да се седне на маса, сите политички партии, да го кажат својот став во однос на уставните промени и да може на крајот да се дојде до решение кое ќе биде прифатливо за сите“, рече денеска премиерот одговарајќи на прашање што мисли за условот поставен од АА и Беса.