КОВАЧЕВСКИ ВЕРУВА ВО УСТАВНИ ИЗМЕНИ : АКО СПОРОТ СО ГРЦИЈА БЕШЕ РЕШЕН ПРЕД 25 ГОДИНИ, ЗЕМЈАВА ДЕНЕС ЌЕ БЕШЕ ЗАЕДНО СО ХРВАТСКА, ЧЛЕНКА НА ЕУ, ДЕЛ ОД ШЕНГЕН ЗОНАТА И ДРЖАВА ВО КОЈА ВАЛУТА Е ЕВРОТО

0
540

Уставните измени ќе влезат во Собранието тогаш кога ќе биде оценето од страна на Владата, овој процес нема да застане и ќе оди во парламентарна процедура, убеден сум дека македонските пратеници, независно од која партија доаѓаат, ќе ја донесат одлуката која обезбедува европска иднина на граѓаните, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Според него, најдобро е уставните измени да се донесат со поддршка на сите политички партии. Како што објасни Ковачевски, најпрво ќе биде одржана владина седница на која детално ќе се разгледа предлогот доставен од Работната група и од Министерството за правда, а потоа ќе почне процесот во Собранието.

-Ова не е процес на еден човек, на една по партија или на една влада, туку широк општествен процес со кој се обезбедува европска иднина за државата и граѓаните. Овој процес не може да биде заложник на политичка кариера на еден човек. Политичар може да реши да ја зароби својата партија, да бара нотарски изјави, па потоа тие да не важат, да бара потпишувања, но не може да зароби цела држава и иднина на цели генерации – рече тој.

Според него, ако ние овие одлуки ги донесевме пред 25 години и ако спорот со Грција беше решен пред 25 години, земјава денес ќе беше заедно со Хрватска, членка на ЕУ, дел од шенген зоната и држава во која валута е еврото.
-Поради неносење одлуки поради немање храброст, денеска сме во ситуација се уште да решаваме прашања од минатото. Нам ни се потребни политичари кои носат решенија за иднината, а не политичари кои постојано зборуваат за минатото. Решенијата се денес за иднината. Секое неносење одлука денес, значи изгубени нови 20 години утре – истакна премиерот.

Тој додава дека донесувањето на уставните измени е процес што не треба да се избрзува, но треба да се направи брзо.

-Ни треба брз, но не избрзан процес, ни треба атмосфера која ќе биде конструктивна. Атмосферата и станува поконструктивна, обвинувањата за бугаризација, асимилација, за губење на македонскиот јазик и идентитет се веќе демантирани. Сите обвинувања на Левица поддржана од ВМРО-ДПМНЕ паднаа во вода – нагласи Ковачевски.