ДИМИТРИЕВСКИ : АКО СЕ ПРЕНЕСЕНИ НАДЛЕЖНОСТИТЕ ОД ДРЖАВАТА НА ОПШТИНАТА, ТОГАШ ДРЖАВАТА Е ДОЛЖНА ДА ОБЕЗБЕДИ ФИНАНСИИ ЗА ДА СЕ РЕШАТ ПРЕНЕСЕНИТЕ НАДЛЕЖНОСТИ НА ЛОКАЛНО НИВО

0
822
Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во гостувањето
во дебатната емисија „Економски магазин“ на Алсат М телевизија
информираше дека Куманово пред четири години била една од најзадолжените
или трета најзадолжена општина во државата.
„Денеска Куманово е комплетно финансиски стабилна општина. Во последните
100 дена реализирани се над 50 инфраструктурни проекти и сите тие
проекти се уредно платени. Денеска имаме на конто околу 190 милиони
денари“, рече Димитриевски.
Во однос на енергетската криза, тој истакна дека има проблеми со
сметките за струја, затоа што тие не се пресметани трошоци, но има пари
во Буџетот и тие пари се планира да се потрошат за реализација на други
дополнителни такви проекти.
„Ние не сакаме да ги трошиме тие пари за плаќање на електрична енергија
на пренесени надлежности на општините, во конкретниот случај тоа е
образовниот процес и другите надлежности бидејќи не се пресметани како
трошоци. А, ако веќе ни се пренесени надлежности од страна на државата
на општината, тогаш државата согласно законот е должна да обезбеди
финансиски средства да се решаваат тие пренесени надлежности на локално
ниво. Во спротивно имало примери во соседството, конкретно во Бугарија
уште пред 15 години може државата да ги земе училиштата под своја
надлежност повторно да ги менаџира, бидејќи, ако сакате да ги решите
овие финансиски проблеми околу енергетската криза ќе треба да направите
ребаланс на буџетот и да предвидите до шест, седум пати повеќе средства
за потрошувачка на електрична енергија, а да скратите од изградба на
улици, патишта и друга инфраструктура што е несвојствено. Значи, се
поставува прашањето дали општините кај нас, всушност ќе бидат само
администратор или составен бирократски апарат којшто ќе врши услуги на
граѓаните во делот на евиденцијата и папирологијата којашто ја водиме
или пак ќе работиме за реален развој на општините. Општините на ваков
начин како што се поставени работите со енергетската криза ќе имаат
сериозен проблем да состават буџети кои во својата рамка мора да ја има
и развојната компонента на капиталните инвестиции“, посочи Димитриевски.