КАСАМИ НАЈАВИ ПРОТЕСТИ АКО НЕ ДОБИЈАТ ЧЛЕН ВО ДИК

0
269

Претседателот на Движење Беса и градоначалник на Тетово, Биљал Касами, денеска најави дека се можни протести ако не се дозволи да има член од опозицискиот политички блок кај партиите на Албанците во Државната изборна комисија (ДИК). Касами потенцира дека тоа е предвидено во соодветниот Закон за избори.
„Се работи за едно законско право, тука нема можност за калкулации, самото барање на претседателот на собранието поставено до опозициските партии не до Алијанса за Албанците која претендираше дека треба да го добие тоа место, покажува дека законот е јасен. Но, и понатаму претседателот на Собранието се обидува да направи опструкции во овој дел со тоа што има пратено писмо и до партии кои не биле, не постоеле до последните парламентарни избори, а тоа го бара законот значи, партиите кои произлегуваат од последните парламентарни избори. Така, јасен е законот“рече Касами.

Тој додаде дека како опозициски партии имаат конкретен предлог кој човек да биде член и се надеваат дека Собранието ќе постапи согласно законот.„Тие се законодавен дом и ако тие не го почитуваат законот и не може да очекуваме други да го почитуваат. Ние се надеваме дека до пред, формално да се формира техничката Влада ќе го добиеме нашиот член затоа што тоа е предуслов за фер и демократски избори. Но, ако во секој случај, претседателот на Собранието продолжува да ги игнорира законите, јас во една пригода кажав дека ние нема да дозволиме да се организираат избори каде што сите партии и сите граѓани ќе немаат еднакво право да учествуваат и да го дадат својот глас за ги изберат своите претставници на следните избори. Дадов пример дека ќе протестираме, ќе ги искористиме сите наши демократски права за да не дозволиме недемократски и нефер избори да се организираат во Македонија,рече Касами од Тетово каде како градоначалник изврши промоција на реконструирана улица.

Предлог-листата со кандидати за членови на Државната изборна комисија (ДИК) е веќе доставена и се очекува Комисијата за избори и именувања да го утврди кандидатот. Кандидати се Абдуш Демири и Зулфи Адили.Адбуш Демири е поддржан од Европски сојуз за промени во кој се Демократско движење, Беса и Алтернатива, а кандидатот Зулфи Адили, пак, е поддржан од Европската народна партија на Аријанит Хоџа.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во петокот до лидерите на опозициските партии на Албанците, Изет Меџити, Африм Гаши, Биљал Касами, Аријанит Хоџа и Скендер Реџепи-Зејд ја испрати листата со пет кандидати за член на ДИК која ја има утврдено Комисијата за прашања на изборите и именувањата и им даде рок од три дена да го достават нивниот предлог.

На денот кога истекуваше рокот што го даде Џафери, предлози доставија Европски сојуз за промени и Европската народна партија. Скендер Реџепи-Зејд, претседател на Движењето на народот, не поддржа ниту еден кандидат, а во изјава за МИА рече дека процениле оти никој од предложените кандидати не бил соодветен.Џафери сега ќе треба да закаже седница на Собранието на која ќе се гласа.

Вчера, пак, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека сè уште се консултира со соработниците за нивно учество во Државната изборна комисија бидејќи сè уште не е избран член од опозициските партии на Албанците во ДИК.Комплетирањето на ДИК може да ја остави Комисијата без членови од опозицијата, вели Мицкоски

Пратеникот од Беса, Фадил Зендели, по вчерашното годишно обраќање на претседателот Стево Пендаровски во Собранието, изјави дека се разочарани што шефот на државата не се изјаснил за потребата од комплетирање на Државната изборна комисија (ДИК) и додаде дека со тоа испратил порака оти изборите можат да бидат многу спорни и нелегитимни.Местото во ДИК остана празно откако Кренар Лога стана министер за правда, а сега тоа треба да биде пополнето со претставник од опозицијата