И ПРЕГЛЕД КАЈ МАТИЧЕН ЛЕКАР ЌЕ СЕ ЗАКАЖУВА ЕЛЕКТРОНСКИ, ХРОНИЧНО БОЛНИТЕ И ИТНИТЕ СЛУЧАИ НЕ ТРЕБА ДА ЗАКАЖУВААТ

0
580

Некои од пациентите ќе добијат можност за преглед кај матичниот лекар електронски да си закажат термин. Оваа новина, меѓу другите, е предвидена со реформите во примарното здравство за кои денес министерот за здравство, Фатмир Меџити, извести дека се веќе почнати. Закажување термин за преглед кај матичен лекар нема да биде неопходно за сите пациенти, туку само за оние што, поради други обврски, може да одат на лекар само во одредено време.

„Оние пациенти што имаат обврски или нема кој да им ги чува децата, ќе може во точно одредено време да си закажат термин за преглед кај матичните лекари. Терминот кај матичниот лекар нема да биде по принципот сè или ништо, не значи дека сите мора да закажуваат термин. Секако, ќе има пациенти, кои се хронично болни, кои имаат акутни случаи, кои ќе може во кој било момент да влезат во ординација. Некои од термините се планира да бидат со можност за закажување. Работиме на модулот во насока на тоа електронско закажување кај матичен лекар. Ако се реализира, нема да биде по принципот сè или ништо. Некои од термините ќе бидат оставени за хроничните и за итните пациенти. Тоа е начинот што планираме да го примениме“, рече Злате Мехмедовиќ, координатор на реформите за примарната здравствена заштита.

Освен електронското закажување, новина за матичните лекари е и тоа што со реформите тие ќе може да ги препишуваат лековите што досега ги препишуваа само лекарите специјалисти, а ќе може да издаваат и соодветни упати за лаборатории за следење на пациентите со висок крвен притисок, со дијабетес, со хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), астма и проблеми со тироидната жлезда.

„Главната порака е дека правиме децентрализација на системот, ги доближуваме услугите до граѓаните, до нивниот дом. Нема потреба од закажување кај специјалист, а кои се во насока само да се препише терапија или да се направи одредена дијагностичка процедура. Сега матичните лекари ќе препишуваат повеќе лекови за контрола на крвниот притисок, повеќе лекови за контрола на мастите кај дијабетичарите, повеќе лекови за контрола на астма и ХОББ, повеќе лекови за контрола на хипотироидизмот. Во насока на тоа матичните лекари имаат поголеми ингеренции за дијагностика, може да препишуваат упати за лабораторија со цел да го следат пациентот и може да ги препишуваат лековите што досега ги препишуваа лекарите специјалисти.

Постојат два типа рецепти детерминирани во Фондот за здравствено осигурување. Едниот е Р, кој го препишува матичниот лекар, а вториот е РС, кој го препишува лекар специјалист. Сега РС-лекот ќе може да го препишуваат матичните лекари. Тоа е нешто што подолго време и матичните лекари преку своите здруженија го бараа за да може подобро да ги контролираат своите пациенти. Истите протоколи што беа следени од специјалистите сега ќе бидат следени од матичните лекари, нема да изгубиме ништо од квалитетот на лекувањето. Матичните лекари ќе ги третираат и крвниот притисок, и дијабетесот, и хипотироидизмот, и ХОББ, и астма“, објасни Мехмедовиќ.

Одлука кој пациент ќе треба да оди на специјалист ќе носи матичниот лекар следејќи ги протоколите што ќе им бидат доставени на сите ординации. Целта на реформите е во рана фаза да се откријат лица што имаат здравствени проблеми за да се намалат трошоците што следуваат за лекување на болеста откога таа ќе стигне во одмината фаза.

Досегашните скрининзи на населението за овие болести Мехмедовиќ вели дека се покажале како нефункционални, па затоа матичните лекари ќе добијат обврска кога кај нив ќе се појави пациент за која било здравствена услуга, доколку има показатели за некоја од овие болести, да му направат контрола и испитувања.Освен нови обврски, Мехмедовиќ рече дека за матичните лекари ќе се обезбедат финансиски средства за нова опрема, неопходна за прегледите, за вработување втора медицинска сестра и администратор.

Министерот Меџити смета дека со реформите во примарното здравство пациентите ќе заштедат и пари и време оти нема да бидат обврзани за секоја терапија да доаѓаат во Скопје. Најави и подобрување на електронскиот систем за издавање лекови во аптеките.„Точно ќе се знае дали една ампула е издадена во Гевгелија или во Гостивар“, рече министерот Меџити.На реформата на примарното здравство министерот Меџити и координаторот Мехмедовиќ рекоа дека работат од 2018 година, а во рамките на овие реформи објаснија дека е и ревидирањето на листата на позитивни лекови, процес што е веќе почнат.