(ИНФОГРАФИК) ОПШТИНИТЕ НЕ УСПЕАЛЕ ДА СОБЕРАТ НАД 280.000 ТОНИ КОМУНАЛЕН ОТПАД МИНАТАТА ГОДИНА

0
761

Македонските граѓани продолжуваат да создаваат огромни количества на комунален отпад, кои општинските комунални претпријатија не успеваат да го соберат и да го однесат до депониите. Во 2020 година, вкупното количество на создаден комунален отпад изнесувало 913.033 тони, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Во споредба со 2019 година, сме создале за 1 отсто помалку отпад, но далеку поголемо количество на ѓубре во однос на претходните години.

 


Лани еден жител на земјава во просек создал 452 килограми отпад, што е за 4 килограми помалку во споредба со количеството што беше достигнато во 2019 година, а кое беше на рекордно ниво за периодот од 2009 година до денес, односно од кога статистичарите водат евиденција за создадениот комунален отпад.

Во 2020 година се забележува намалување на количеството на собран комунален отпад за 0,4 отсто во однос на 2019 година. Лани во земјава биле собрани 630.086 тони комунален отпад. Ова практично значи дека речиси една третина од создаденото ѓубре од жителите не било собрано од општинските комунални претпријатија низ земјава, односно над 280.000 тони комунален отпад е непознато каде завршиле.

Во однос на собраниот комунален отпад, 522.954 тони или 83 отсто се собрани од домаќинствата, а останатите 17 отсто се од правни и физички лица како комерцијален
отпад. Притоа, 99,8 отсто од собраното ѓубре се исфрла на депониите. „Мета.мк“ веќе пишуваше дека Скопје е единствената единица на локална власт која го депонира отпадот по европски стандарди, за што има интегрирана дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Според видовите на отпад што бил собран лани, дури 525.745 тони или 83,4 отсто е измешан комунален отпад, којшто не е селектиран во домаќинствата и компаниите или не е подложен на секундарна селекција од самите јавни комунални претпријатија, и како таков, завршува на депониите.

„Мета.мк“ со месеци наназад пишува дека во земјава не постои ниту еден регион во кој е воспоставен современ систем за управување со отпад преку изведба на регионалните депонии, за кои секоја година добиваме и критики од Европската Комисија. Истовремено, бројот на општините во кои се селектира позначително количество на комунален отпад е редок, вклучувајќи го и главниот град и неговата околина коишто создаваат убедливо најмногу комунален отпад во земјава, но се врши минимална селекција.