ИНДЕКС НА СРЕЌА : МЛАДИТЕ ВО РСМ ПОСРЕЌНИ ОД ВОЗРАСНИТЕ

0
206

Северна Македонија е рангирана на 84-то, а Финска по седми пат на прво место во годинешниот светски извештај за среќа, реализиран во партерство на Галуп, Истражувачкиoт центар на Оксфорд и Мрежата на ОН за решенија за одржлив развој.

Со оглед дека извештајот вклучува и одделни рангирања по возрасна група, најоптимистичкиот податок е дека посреќни во Северна Македонија се младите. Според рангирање на среќата кај младите на возраст под 30 години, Северна Македонија е на 67-мо место, со сличен резултат како и кај младите во Албанија, која е рангирана на 66-то место. Според среќата кај лицата од пониска средна возраст РСМ е на 76 -то место, на 85-то место кај лицата од повисока средна возраст, но е на 98-мо место кога станува збор за среќата кај луѓето на возраст од 60 и повеќе години. Слични резултати кај ова категорија бележи и рангирањето на Црна Гора (97 место) и Албанија (100).

Предничат Словенија и Косово

Од земјите во соседството и регионот, во вкупниот резултат највисоко е рангирана Словенија (21-во место), Косово (29), Србија (37), Хрватска (63), Грција (64), БиХ (65), Црна Гора (76), Бугарија (81), а единствено Албанија (87) е подолу на листата од Северна Македонија (84).Србија е на прво место меѓу земјите со најголем раст на индексот на среќата за периодот 2021-2023 година, во споредба со периодот 2006-2010 година, а веднаш по неа се Бугарија и Латвија. Северна Македонија во оваа категорија е на 17-то место.

Истражувањето разгледува шест клучни варијабли за да помогне во објаснувањето на оценките: Бруто домашен производ (БДП) по глава на жител, социјална поддршка, здрав животен век, слободата да се прават животни избори, дарежливост и перцепции за корупција.Врз основа на анкети во повеќе од 140 земји, направено е рангирање засновано на просечните проценки на животот во текот на трите претходни години – од 2021 до 2023 година. Првото место во рангирањето седум години по ред го држи Финска, а по неа во топ 10 земји според индексот на среќата се Данска, Исланд, Шведска, Израел, Холандија, Норвешка, Луксембург, Швајцарија, Австралија.

Седми пат на „тронот

Зошто Финска? Балансот меѓу приватниот живот и работата, еден од најдобрите образовни системи, симбиотичката врска на Финците со природата, честото престојување на отворено, здравиот начин на живот, рекреирањето во природа – беа дел од одговорите и во изминатите години

Слично е и годинава. Новинските агенции ја пренесуваат оценката на Џенифер Де Паола, истражувач од Универзитетот во Хелсинки, специјализирана за оваа област, според која, блискоста до природата и добриот баланс помеѓу работата и животот се клучни за задоволството на Финците.

„Финците можеби имаат посоодветно сфаќање за тоа што е успешен живот во споредба со САД, на пример, каде успехот често се поврзува со финансиска добивка”, вели Де Паола.Сепак, значење има и довербата во институциите, ниската корупција и слободниот пристап до здравството и образованието се исто така клучни.„Финското општество е проткаено со чувство на доверба, слобода и висок степен на автономија“, посочува таа.

Спротивни трендови

И додека во РСМ, дел од соседството (генерално во Централна и Источна Европа) младите се посреќни од возрасните, тој тренд е спротивен во други земји.

Ниските оценки за среќата кај младите придонесе САД за првпат откога се објавува Извештајот да излезат од топ 20 земји на оваа листа. Во САД и Канада, оценките за среќа кај луѓето под 30 години се пониски од оние на луѓето на возраст од 60 и повеќе години. Според среќата кај луѓето помлади од 30 години, САД се рангирани на 62-то место, а според среќата кај луѓето на 60 и повеќе години се рангирани на 10-то место. Канада е на 58-мо место според среќата на младите, а на 8-мо според среќата на категорија лица од 60 и повеќе години.САД (на 23- то место) и Германија (24) отпаднаа од топ 20 делумно и поради порастот на индексот на среќата меѓу други земји – Чешка (18), Литванија (19) и Словенија (21). (dw)