ИЛИЕСКА : ЗДРАВОТО ОПШТЕСТВЕНО ТКИВО ЦЕЛОСНО РАЗГРАДЕНО ОД КОРУПЦИЈА И ОД СИВА ЕКОНОМИЈА

0
276

Македонија поминува низ уште една криза. По енергетската, дојде и економската. Како се справува власта со предизвикот со кој се соочуваат земјите во светски рамки? Колку ќе им помогнат антикризните мерки на граѓаните, но и на бизнисот?

Според сите мерења и анкети, најголеми приоритети на граѓаните во Македонија им се економијата и високиот стандард. По однос на тоа прашање, без исклучок, секој граѓанин е засегнат, без разлика на останатите лични определби и статус. Ситуацијата во која се наоѓа државава во сферата на економијата во последниве години, умерено е да се каже дека е на незавидно ниво.

Системски решенија за надминување на предизвиците што ги носи со себе секоја криза, решенија што се суштински, одржливи и кои овозможуваат раст и развој, несериозно е да се заменат со владини мерки и одлуки. Притоа, истите се козметички, површни и периодични, и не создаваат сигурност и иднина.

Државниот завод за ревизија тоа недвосмислено го потврдува во некои од своите извештаи. Процентот на искористеност на мерките е сериозно низок, што укажува на тоа дека политиките за поддршка не се правилно таргетирани. Мерките што ги донесе Владата во изминативе години за кои се потрошени значителни буџетски средства, не ја овозможија очекуваната поддршка како за стопанството, така и за одржување на стандардот на граѓаните.

Бројот на затворени фирми секоја година е сѐ поголем, факт што алармира дека стопанството е доведено до работ на амбисот. Ова се последиците од непосветеното работење и од погрешните одлуки што се носат, без притоа фокусот сериозно да се стави на растот на економијата.

Во минатата година овој период, истата оваа Влада поднесе измени на закони во насока на зголемување на даноци на прехранбени производи, укинување на ослободувања од оданочување со данокот на добивка, најава за нов закон за данок на солидарност. Тоа беше период кога стапката на инфлација беше речиси 20%, а само три месеци претходно, Владата прогласи кризна состојба (од 1 септември 2022) во снабдувањето со електрична енергија и со топлинска енергија. Во такви околности, одлука за донесување антикризни мерки е пологична отколку во условите што ги имаме денес, кога стапката на инфлација е пониска, а цената на енергијата на светските берзи е стабилизирана. Единствено што сега сме период на предизборен процес. Токму поради временскиот период во кој се носат, овие мерки создава простор за сериозно согледување на намерата на Владата при нивното усвојување, а тоа е за подобрување на рејтингот на владејачката гарнитура.

Колку ги слуша власта стопанствениците и носи ли регулативи што ќе ѝ бидат од полза на економијата?

Дејствувањето на Владата во изминативе седум години е препознаено како непредвидливо и нестабилно, често ретерирање од законски решенија и политики, воведување повисоки даноци, носење неприспособени закони, со што создаваа услови на нездрава клима за економско стопанисување.

Во услови на низок раст подолг период и на висока инфлација, продуктивноста на работниците е на ниско ниво, поради што е генерирано незадоволство од ниските плати и од високите цени на храната и на енергијата.

Во ситуација кога од страна на Владата секојдневно добиваме имагинарна слика дека се движиме кон поголем раст, показателите од релевантни домашни и меѓународни институции покажуваат дека растот на БДП за третиот квартал е 1,2%, континуирано понизок од планираниот.

Споредбено од сите земји во регионов, имаме најниска стапка на раст на БДП, што е показател дека несоодветните економски политики неколку години наназад ја уништуваат економската околина.

Дали сметате дека замрзнувањето на цените на одредени производи, а од друга страна, зголемувањето на данокот од 5 на 10 проценти, се мерки што ќе донесат позитивни резултати и кои им помагаат на домаќинствата?

Секоја година значително се зголемува бројот на граѓани кои живеат во екстремна и умерена сиромаштија. Во едно просечно семејство, дури 80% од приходите се трошат за набавка на храна, а инфлацијата цените на прехранбените производи ги зголеми дупло повеќе од објавената месечна стапка на инфлација.

Оттука, најголемата нелогичност е одлуката на Владата да се замрзнуваат цени на прехранбени производи, а притоа во истиот ден, со закон да се зголемува данокот на додадена вредност на прехранбени производи. Дополнително, зголемувањето на данокот на додадена вредност на прехранбени производи во време на висока инфлација нема логична и економска оправданост.

Ова е само една нелогичност од многуте со кои Владата постојано во државава создава клима на нестабилност и на неизвесност.

Што се презема за намалување и за сузбивање на работата и на заработувачката во сивата зона? Како да им се стави крај на овие нерегуларности?

Постојат појави кои ја задушуваат економијата, а власта е таа која е потребно да презема политики, мерки и дејствија во насока на сузбивање на задушувачите. Во државава сериозен е делот кој отпаѓа на сива економија и кој сериозно го контаминира воздухот што го дишат фирмите.

Непреземањето мерки и активности во борбата против неформалната економија, ги профилира виновниците. Сивата економија е потребно да се сфати како директна и конкретна закана за економскиот систем на земјата, која произведува длабоки и комплексни последици во иднина.

Според процените на домашни релевантни фактори и на меѓународните финансиски институции, сивата економија во Македонија е поголема од 33% од БДП или тоа би биле дополнителни 795 милиони евра годишни приливи од даночни приходи во буџетот. Само за споредба, просекот во земјите на Европската Унија е 19,4% од БДП.

При оценувањето на реализацијата на стратегијата за формализација на сивата економија за периодот од 2018 до 2022, се нотира дека во овој дел нема никаков прогрес, наведените мерки не се отпочнати да се спроведуваат и нема владин извештај кој демонстрира кој е напредокот во борбата со сивата економија.

Впрочем, со последниот извештај на Европската комисија со нагласен критички тон за клучните реформски приоритети, се нотира ограничен напредок во справувањето со сивата економија и неефикасност на државната помош.

Колку ја чини сивата економија нашата држава со толеранцијата што се случува? До кога фирмите што плаќаат давачки кон државата ќе можат да го издржат товарот од неплаќачите?

Сивата економија државата ја чини прилично многу. За една година ја чини колку автопатските делници на Коридорот 8 и на Коридорот 10-д, или колку изградба на четири клинички центри.

Нерамноправноста меѓу субјектите што работат во формалната економија и субјектите во неформалната економија доаѓа од тоа што вторите не учествуваат во финансирањето на заедничките потреби, попрецизно, не се извор на јавни приходи, а од друга страна, ги користат сите јавните добра подеднакво како и субјектите од формалната економија што ги обезбедуваат приходите во буџетот.

Оправдувањето на сивата економија со наводни аргументи за ублажување на социјалните разлики е погрешно. Таа многу повеќе ги продлабочува класните разлики. Цената од несправување со сивата економија од страна на државата на крајот ја плаќаат совесните и дисциплинирани економски субјекти, што негативно се одразува на финансиската кондиција на компаниите што работат согласно законите.

Колку власта ги обесхрабрува компаниите поради непреземање мерки за сузбивање на сивата зона?

Толеранцијата на сивата економија сериозно ја нарушува конкуренцијата и ги става во нерамноправна позиција економските субјекти што се борат на пазарот, а со тоа создава долгорочни последици врз економијата.

На своите купувачи имаат можност да им понудат пониска цена во споредба со субјектите кои работат законски и плаќаат јавни давачки и на тој начин постепено ги истиснуваат од пазарот. Субјектите кои делуваат во зоната на сивата економија имаат помали расходи и поради тоа акумулираат поголема добивка, во форма на готовина која е надвор од системот на државата за платен промет. Големата профитабилност и брзиот поврат на вложените средства на субјектите кои работат во зоната на сивата економија, во секоја понатамошна фаза на извршен промет се мултиплицира, што со текот на времето им овозможува економско зајакнување.

Стапката на неплатени јавни давачки кај субјектите во сивата зона е 66%, кои 66% субјектите во формалната економија за јавни давачки ги плаќаат на соодветни органи и буџетски сметки.

Сивата економија предизвикува економски последици поради која е тешко да се остварат приходите, а тоа рефлектира помала реализација на буџет, наметнува состојби во кои се задолжува државата, како и зголемување на даночниот товар на регистрираните даночни обврзници. Неоправдано е приходите што државата не успеала да ги собере со формализирање на сивата економија, да ги надоместува со политики за зголемување на даноците или воведување други давачки за економските субјекти кои во континуитет ги пријавуваат и ги плаќаат своите финансиски обврски кон државата.

Толерирањето на сивата економија од страна на државните институции и несериозниот пристап на владата за нејзино намалување и сузбивање води кон намалување на довербата на економските субјекти во институциите на државата.

Интенцијата на лицата кои профитираат во сивата зона на економијата е да го внесат заработениот кеш во регулираните текови на системот, поточно да ги „исперат“ парите.

Нивната стекната финансиска сила, создадена од непочитување на законите, ја користат за силна доминација во формалниот сектор на економијата.

Власта, со непреземање мерки за сузбивање на субјектите кои делуваат во неформалната економија, дозволува да се истиснува здравата конкуренција на пазарот, а на тој начин дозволува да се заробат економијата и општеството.

Поради тоа, сивата економија, освен што е економско прашање, претставува и длабоко општествено прашање. Финансиските средства остварени со работење во сивата зона на економијата овозможуваат материјални и финансиски добра на лица кои во постапка пред институции не би можеле да го докажат потеклото на нивниот имот. Постои пропишана регулатива во Законот за данокот на личен доход која дава можност за зафаќање на непријавениот доход и оданочување на истиот со стапка од 70%, што е репресивен инструмент за сузбивање на последиците. Ретерирањето својствено при спроведувањето политики изминативе години при практикување на власт, имавме можност да го видиме и при носењето одлука за намалувањето на износот за плаќање со употреба на готовина при промет на стоки и услуги до износ од 30.000 денари, кое по краток период се врати на постојното решение. Тоа е показател за сериозноста на пристапот кон овој проблем. Битката против сивата економија треба да е неприкосновена, фокусот треба да е ставен врз нејзино формализирање или елиминирање, зашто толеранцијата и неказнивоста ја зголемува дисторзијата и го руши системот. Немањето политичка волја во изминативе години како и незначителното дејствување на надлежните чинители се главните причини за високата застапеност на сивата економија во државава. Креаторите на економските политики не презедоа сериозни мерки за системско и институционално сузбивање на неформалната економија. Политичката индиферентност и пасивноста во поглед на намалувањето на сивата економија кај јавноста формираат перцепција дека корупцијата е една од главните причини за високата стапка на неформална економија кај нас.

Колку успева Владата да ја сузбие корупцијата? Познато е дека многу меѓународни институции во секој извештај како главен проблем ја нотираат корупцијата. Корупцијата е еден сериозен проблем за кој сѐ погласно зборуваат амбасадорите во земјава порачувајќи дека во Македонија има епидемија од корупција?

За жал, граѓаните многу порано ја чувствуваат оваа епидемија, многу порано пред таа да е констатирана од страна на меѓународниот фактор и меѓународните организации, кои реагираат на создадените последици. Основна причина за присутната системска индиферентност и несовесното раководење е корупцијата. Изминатите години од Владата не видовме сериозна заложба во борбата против корупција, па поради тоа таа е на највисоко ниво од осамостојувањето на државава. Корупцијата е длабоко навлезена во порите на државните системи од највисоко до најниско место и длабоко ги има разорено скоро сите институции. Таа ситуација е евидентирана и констатирана, и поради тоа индексот за перцепција на корупција секоја година по 2017 година расте.

Според „Транспаренси интернешнал“, веќе три години по ред сме рангирани над 100. место според индексот на перцепција на корупцијата, а борбата со корупцијата во изминатава година стагнира.

Според фондацијaта „Херитич“, која рангирањето на државите го прави според степенот на борба со корупција, владеењето со правото, интегритетот на институциите и останати показатели, по 2017 година, кога сме биле на 21. место, актуелната влада нивото постојано го зголемува, па во 2020 година сме на 31. место, а оваа година стигнавме до 56. место.

Во Извештајот од Светска банка објавен оваа година, дијагностицирана е сериозна состојбата во државава, каде што е нотирано слабо владеење и лоша контрола на корупцијата, кои продолжуваат да го поткопуваат развојот на Македонија. Дополнително, политизацијата на јавниот сектор, покрај честите промени на министерското раководство, промените во политиките и вкоренетите интереси, го забавуваат спроведувањето на реформите. Сериозноста на извештаите и состојбата која е констатирана во нив е повеќе од алармантна кога е потребно недвосмислено да се почне борбата против корупцијата.

Претходново се потврдува со тоа што Владата ја реализирала стратегијата за сузбивање на корупцијата незначителни 20%, а реализацијата во последната година е само симболични 10%.

Во ситуацијата во која што се наоѓаме, институциите се тие што ги прикриваат корупцијата и криминалот, наместо да ги спречуваат и да ги сузбиваат, што впрочем е нивна надлежност и функција. Корупцијата е институционализирана до степен што најголемите индиции за коруптивни случаи потекнуваат од највисоките раководни структури во институциите назначени од Владата.

За да се искорени корупцијата, особено високата корупција, преку која милиони се одлеваат надвор на приватни сметки, потребно е да постои сигурност и предвидливост дека правдата ќе ги стигне корумпираните.

Независни проактивни истраги, ефикасност на обвинителството, судството кое има клучна улога во борбата против корупцијата, делување на сите надлежни институции во борба против корупцијата на сите нивоа неопходно е потребно.

Јасен сигнал за корупција има и кај државните тендери и јавните набавки. Особено договорите во четири очи. Каде го гледате решението особено во набавките на државните институции?

Трендот во делот на јавните набавки каде што се појавува ниска конкуренција и посакувани победници, дополнително зајакнат со слаба контрола на реализацијата, се потврдува со фактот дека дури 88% од јавните набавки за време не пандемијата се без објавен оглас. Да потенцирам дека кризните состојби во изминативе години се злоупотребуваа за доделување средства без пропишани постапки за избор во четири очи, а бевме и сведоци на отпишување обврски на компании. Прв чекор на оваа власт беше промена на Законот за јавни набавки и негово релаксирање во делот на укинување на контролниот фактор на постапките за јавни набавки, со што создаде простор за коруптивни можности, кој во изминативе години е прилично простран и во континуитет се проширува. Отсуството на контролните механизми ја храни селективноста при доделувањето на буџетските средства и создава можност за појава на корупцијата.

Покрај злоупотребата на буџетски средства, злоупотребени се и средства што се дадени на државава од страна на ЕУ-фондови. Од 36 истраги на ОЛАФ за злоупотреба на ЕУ-фондови дадени на земјите од Западен Балкан, дури 18 се однесуваат за фондовите дадени на Македонија. Истрагите се однесуваат за период од 2017 до 2022 година, и притоа се дадени препораки земјата-корисничка да ги врати злоупотребените средства. За евидентираните злоупотреби на соодветните власти во земјата, предметите се предаваат за да се отворат истраги за криминал.

Во извештајот на ЕУ е нотирано дека се генерира корупција за проекти како што е изградба на коридорите 8 и 10-д, проект кој на самиот почеток се поврзува со сомнежи за корупција. Високиот „данок“ на корупцијата предизвикува домашниот бизнис да не се развива и квалитетниот странски капитал да не сака да инвестира во земјата. Корупцијата е таа што ја јаде економијата, со што истовремено ја јаде Македонија.

Владата ја доведе државава до степен во рамките на НАТО да имаме статус на најкорумпирана држава. Ако сакаме да бидеме рамноправни партнери, неопходно е да расчистиме со корупцијата и со криминалот.

Криминалот и корупцијата не се решаваат со намалување на казните во Кривичниот законик, и поради таа ситуација дури 85% од граѓаните сметаат дека корупцијата во државата расте. Пропуштеното време не може да се надомести, а граѓаните губат верба во државата, поради што сѐ почесто носат одлука својата иднина да ја градат и даноците да ги плаќаат во друга земја. Она што генерациски имаме одговорност е да ја спасиме Македонија од епидемиите што ја имаат зафатено, а за генерациите што доаѓаат, овие состојби да останат само во учебниците како лекција како не треба да се однесуваме кон државата.