ИЗМЕНИ ВО КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК, ЗА НАПАЃАЧИТЕ НА НОВИНАРИ ЌЕ СЛЕДИ ЗАТВОРСКА КАЗНА

0
468

По две години чекање, новинарите дочекаа нападите врз нив да се третират како напад врз службено лице, а со тоа и напаѓачите да добијат затворска казна. Измените на Кривичниот законик вчера беа усвоени од страна на пратениците во Собранието на РСМ. Претседателот Стево Пендаровски е следен на потег за да стави потпис на законските измени, по што истите треба да бидат објавени во Службен весник и да стапат на сила.

За напаѓачите на новинари и медиумските работници ќе следува зтворска казна. Истото важи и за нападите и заканите врз адвокати и здравствени работници. Демнењето и сексуалното вознемирување исто така станаа кривични дела.Според измените на Кривичниот законик, за закани по живот кон медиумски работници, адвокати и здравствени работници, напаѓачите ќе одговараат со парична казна или со затворска казна до 6 месеци. А, доколку заканата предизвика чувство на страв или несигурност казната може да достигне и до една година затвор. Во случај насилство да е сторено врз овие лица, тогаш затворската казна изнесува од три месеци до три години.

„Со казната на овој член ќе се казни тој што делото ќе го стори спрема службено лице во вршењето на службата, адвокат, лекар или друг здравствен работник, новинар или друг медиумски работник или друго лице што врши работи од јавен интерес при вршењето на професионалните задачи или во врска со вршењето на професионалните задачи кои ги презема во рамките на своите овластувања или спрема повеќе лица“, пишува во измените на Кривичниот законик.