Избледе вашиот патриотизам! Скопје заслужува повеќе од универзитет!

0
1061

Навикнати сме да го слушаме национално-патриотскиот фолклор на политичките партии од албанскиот блок секогаш кога ќе застранат, кога ќе ги погазат принципите и сето тоа што го ветувале на народот и на сопственото гласачко тело.

muhamed-zeqiri

Само вака и на ниеден друг начин не можам да ги сфатам нервозните реакции на албанскиот партнер во власта, ДУИ, по информацијата што ја објави Алсат-М, односно по откривањето на нивните планови зад грб на Државниот тетовски универзитет, но и на самите Албанци, да основаат нов универзитет во Скопје.

Ништо спорно не ќе имаше во оваа иницијатива доколку стануваше збор за искрена и добронамерна, но која е вашата цел? Да ја искористите за да го излажете електоратот во пресрет на изборите, да вработите луѓе блиски до вас кои во моментот се без конкретен ангажман, да создадете уште една фабрика за штанцање дипломи?

Албанците несомнено имаат потреба од универзитет; со крв се изборија за него во 1994-та година, но прашањето е дали посакуваа универзитет во каков што вие успеавте да го претворите? – Во партиски универзитет, во универзитет каде во преден план се личните интереси на одредени луѓе блиски до вас и каде квалитетот и стандардите немаат никаква употребна вредност.

Го претворивте во фабрика која вашите милитанти ќе ги обезбеди со лист диплома за утре вие да ги вработите, а тие да си седат дома и кога ќе дојде времето послушно да гласаат, да убиваат или да умираат за вас. – Вакви универзитети не ни се потребни, почитувани!

Квалитетот што го нудеше Тетовскиот универзитет пред вашето доаѓање на власт беше на многу повисоко ниво, почитувани членови на ДУИ – тогаш кога илегално работеше по куќите во Голема Речица со професори од Косово и Албанија.
Забележувам тенденција информацијата што ја објави Алсат-М да се толкува како ние да сме биле против Албанците од Скопје.

Не, почитувани, Скопјани заслужуваат повеќе од универзитет. Заслужуваат да бидат достоинствено застапувани од нивните политички субјекти и со нивните седишта да дојдат овде, во главниот град, наместо да седат по селата.

Ги читам и реакциите кои изминативе два дена доаѓаат од ДУИ и не ми се верува што читам.

На национални принципи се повикува токму политичкиот субјект кој ги прегази речиси сите од нив:
„Медиумската и немедиумска војна против ДУИ која се води во последно време нема врска со национални и политички принципи или јавен интерес, туку таа е целосно поттикната и со ниски мотиви од дневнополитички интерес и економски, како и мотиви кои се однесуваат на оштетување на политичката клетка на Албанците и промоција на т.н. граѓански концепт познат како доктрината на Фрчковски, каде Албанците ќе бидат „чесни„ Албанци поединци на македонските политички партии“, пишуваат од партијата на Ахмети.

Замислете, за „чесни Албанци и економски интереси“ ни зборува политичкиот субјект кому чесноста и понизноста кон Груевски му е пред сѐ. Ништо друго сиве овие години додека се на власт не ги интересира, освен ќешот. Одат дури и понатаму и нѐ потсетуваат на 2001-ва и принципите на политичкото дејствување по конфликтот и на тоа дека индивидуалните права извираат од етничката припадност, а не од тоа да си „чесен“ привезок на македонските партии.

ДУИ мисли дека ние и народот забораваме каков концепт тие се обидоа да промовираат отворајќи ограноци во Штип, Кочани и во други градови стигнувајќи сѐ до Коле Дијамантот. Ништо лошо нема ни во таквиот концепт, иднината на оваа земја всушност е токму во тој граѓански концепт, но дајте вие почитувани дефинирајте се еднаш! Ставете ù јасно на знаење на јавноста кој е вашиот политички концепт, кажете ни кој ги прегази принципите после 2001-та. Кому му служите вие, за што се борите сиве години додека сте дел од власта? За каква Македонија вие се залагате? – Вашиот патриотизам избледе!

Една народна поговорка вели: „половина лекар може да носи едно или неколку лица на душа, половина оџа или наставник може да носи цел народ.“ – Нам не ни се потребни такви. Ние треба да овозможиме да произлегуваат квалитетни кадри кои ќе едуцираат цели натамошни генерации. „Народ кој спие умира“, рекол големиот Исмаил Ќемали. – Вие нема да успеете да нѐ успиете!

Единствено добро е знаењето, единствено зло е игнорантноста. Ние сме за знаењето, а вие?

Мухамед Зекири

Коментарот е преземен од Алсат-М