ЗА СУДИИТЕ ИМА ПАРИ, А ЗА НАС НЕ, СУДСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА НАЈАВИ ПРОТЕСТИ ЗА ПОВИСОКИ ПЛАТИ

0
588

Претседателот на Здружението на судска администрација вели дека 95 отсто од нив имаат пониска плата од просечната на државно ниво. (Фото: СДК.МК)
Судската администрација која брои над 2.300 вработени во државата бара изгласување на законски одредби за подобра плата на судската служба а до тогаш судските службеници да добиваат додатоци во висина од, не помала од 25 отсто.Здружението на судска администрација на Македонија денеска на прес-конференција кажаа дека револтот е голем, а правата ќе ги бараат со протести. Велат дека платите на судската администрација се, како никогаш досега ниски, а 95 отсто од нив имаат пониска плата од просечната на државно ниво. Без минат труд административците земаат од 21 до 36 илјади денари, а нешто повисока плата имаат раководните службеници и судските администратори.

„Со донесувањето на одлуката на Уставниот суд со којашто се одмрзнаа платите на функционерите, платите на судската администрација останаа на многу ниско ниво. Јазот помеѓу платите на функционерите, конкретно кај нас платите на судиите и платите на судската администрација сега се зголеми за повеќе од трипати“, кажа на денешната прес-конференција Борче Мирчески, претседател на Здружението на судска администрација на Македонија.

Мирчески потенцира дека судската администрација досега никогаш немала толку ниски плати споредбено со судиите. Тој рече дека не се точни тврдењата дека судската администрација добила 15 отсто зголемување на платите.

„Вистината е дека додатоците кои судската служба ги добиваше од 2019 година сега се прелеаа во плати така да номиналниот износ е скоро ист, односно дури е понизок од 15 отсто. По нашите пресметки тоа е некаде зголемување од 12,5 отсто’, вели тој. Синдикатот остварил и средба со претседателот на Судскиот буџетски совет каде им била ветена поддршка за остварување на нивните права оти како што им било кажано барањата им биле оправдани, но одговорот бил дека нема средства во буџетот па барањето не може да биде прифатено.

„Секогаш кога судската администрација штрајкува за плати, платите на судиите се зголемуваат. Овојпат е обратно, се зголемија платите на судиите а претходно ние баравме повисоки додатоци, но кога тие се прелеаа во плати ни беше кажано дека не може да земаме додатоци. Додатоци продолжија да се исплаќаат на судиите. Сега кога тие добија повисоки плати за 78 отсто испадна дека не е точно дека нема средства, дека тоа е само изговор“, вели Мирчески.Денеска пред Основниот кривичен суд во Скопје заедно со Независниот државен синдикат судската администрација ќе излезе на предупредувачки едночасовен протест. За четврток е закажана средба со претставници на УПОЗ за да се изнајде прифатливо решение.