Во сеќавање на Марко Кабранов

0
1194

marko-670x447

На денот на неговиот роденден 4 декeмври, НОВА со гордост се сеќава на Марко Кабранов- истакнат активист, борец за човекови слободи и права, кој загина во трагична сообраќајна несреќа на 10 септември 2011. Имаше 27 години.

Во негов спомен, потсетуваме на песната посветена токму на него „Кога те нема“ во изведба на Распеани Скопјани, чиј член беше Марко од 2009 година.

Во април 2009 се вклучи како активист и беше основач на граѓанското движење Плоштад Слобода, потсетува Никола Наумовски, соборецот на Марко. Потсетуваме на дел од говорот на Нумовски, ден по трагичната смрт на Марко Кабранов:

– Марко го знам од три места. Ми беше другар, ми беше колега, ми беше соборец. И не знам кој Марко ми беше подраг. Марко од Дамар, Марко од канцеларија, или Марко на Плоштад…

– Мојата приказна со Марко почна со „Скопје2014“. Марко беше еден од првите кои се јавија по телефон, загрижени зашто разбрале за тепачката на плоштадот, кога со другарите од Првата Архи Бригада го организиравме првото архитектонско востание против изградбата на верски објект на плоштадот на 28-ми март 2009. И беше еден од првите што се придружија две недели потоа, на 11-ти април, во организацијата на првиот протест на “Плоштад Слобода”.

– Со Марко собиравме потписи на плоштадот Македонија, во август 2009-та, за на граѓаните на општина Центар да им овозможиме изјаснување на референдум за верските објекти на плоштадот. Есента што следеше ја поминавме заедно со соборците од “Плоштад Слобода” и од ГЕМ, талкајќи низ законските лавиринти за референдумски иницијативи.

– Марко беше нашата потпора кога во септември и октомври 2009-та ги притискавме советниците во Општината да распишат референдум. Кога присуствувавме на седниците на Советот. Кога ги охрабрувавме медиумите да се придружат во борбата за зачувување на модерното и солидарно Скопје, во кое сите израснавме. Марко тука го имаше својот најголем придонес…

– Истовремено, во тој септември 2009-та, кога на плоштадот висевме почесто од питачите, за прв пат се собравме петнаесеттина другари, за пред камера и пред присутните да ја испееме “Градот убав пак ќе никне” и да го означиме почетокот на “Распеани Скопјани”. Хорот веројатно се уште ќе го носеше своето првобитно име “Хор Плоштад Слобода”, да не беше нашиот кум Марко Кабранов, да ни го предложи името “Распеани Скопјани”. Низ хорот пројдоа педесеттина различни луѓе, на исто толку настапи, но Марко Кабранов беше тука на првиот и на последниот настап.

– Видеата за “Распеани Скопјани” се најдобриот преглед за неговиот политички активизам. Ако некој праша за мислењето на Марко за национализмот во првата македонска енциклопедија, одговорот ќе го најде во изведбата на “Чија си”. Ако сакате да знаете каков е неговиот став за прашањето за македонско-грчките односи, преслушајте ја “Дирлада”. Ако ве интересира неговото мислење во однос на ЛГБТ заедницата, преслушајте ја “Убиј ме”…, рече во посмртниот говор Никола Наумовски, „Плоштад Слобода“.

НОВА