ЗАСТАРУВА ПРЕДМЕТОТ „МОЌНИК“, ВО КОЈ Е ОБВИНЕТ АНТОНИЈО МИЛОШОСКИ

0
218

Предметот „Моќник“, во кој е обвинет пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, застарува, соопшти Кривичниот суд.

„Поради интерес на медиумите и невладините организации што ја следат работата на судот, ја информираме јавноста дека на денешната главна расправа за предметот со К. бр. 2616/20, од Обвинителството означен како ‘Моќник’, ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ во завршните зборови изврши прецизирање на диспозитивот на обвинителниот акт во обвинителен предлог, како и измени во правната квалификација на кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите, со кои измени:

Првообвинетиот М. М. сторил кривично дело измама од чл. 247 ст. 3 в.в. со ст. 1 вв со чл. 23 од КЗ,

Второобвинетиот М. В. сторил кривично дело чл. 247 ст. 3 в.в. со ст. 1 од КЗ,

Третообвинетиот А. М. сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од чл. 353 ст. 3 вв со ст. 1 од КЗ.

Во согласност со направените измени од страна на јавниот обвинител, и тоа во фаза на завршни зборови, судот, по сила на законот, односно чл. 402 т. 6 од ЗКП, донесе пресуда, со која обвинителниот предлог се одбива поради настаната АПСОЛУТНА ЗАСТАРЕНОСТ на кривичното гонење во согласност со чл. 107 ст. 1 т. 4 вв со чл. 108 ст. 6 од КЗ.

Трошоците на постапката паѓаат на товар на буџетот на РСМ“, се наведува во соопштението на Основниот кривичен суд Скопје.