ЗАСЛУЖИ ЧОВЕКОТ, БИЕШЕ ТЕШКА БИТКА: Заев оди на одмор, разговорите за новата влада ќе ги почне по Илинден

0
1438

Во очекување на конечните официјални резултати од Државната изборна комисија (ДИК) од предвремените парламентарни избори, победничката коалиција предводена од СДСМ од денеска ќе оди на одмор сѐ до Илинден. Лидерот на СДСМ Зоран Заев разговорите за состав на новата влада ќе ги почне по 2 Август, вели за Плусинфо висок функционер на СДСМ.

– До крајот на неделава се очекуваат официјалните резултати од ДИК за изборите. Од денеска сме на одмор и се враќаме по Илинден. И лидерот на партијата Зоран Заев ќе биде на одмор. Тоа значи дека како победничка коалиција на изборите разговорите за состав на новата влада Заев се очекува да ги почне по Илинден. СДСМ и коалицијата „Можеме“ има најголем коалициски капацитет. Ќе разговараме со сите за состав на новата влада – вели за Плусинфо функционерот и додава дека има неколку комбинации да се дојде до мнозинство од 61 пратеник за Заев да му приложи на претседателот на државата Стево Пендаровски список со обезбедено мнозинство за тој да го добие мандатот.

Од СДСМ велат дека би било добро доколку обезбедат и поголемо мнозинство. Тоа ќе значи дека Заев ќе седне на маса со досегашниот владин партнер Али Ахмети, но и со Зијадин Села, Африм Гаши и со Мендух Тачи.

– Добро ќе ни дојде десетина дена одмор, да ги оладиме главите оти имаше страшно негативна кампања. Нема потреба од брзање за состав на новата влада оти техничката добро функционира. Според пресметките, Собранието треба да се конституира некаде околу 9 август, односно 20 дена по завршувањето на изборите и објавувањето на конечните резултати. Така што разговорите за новата влада ќе почнат по 2 Август – вели функционерот.