ЗАПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА БАЗЕНОТ ВО РАМКИ НА СПОРТСКАТА САЛА ПАРТИЗАН

0
391

Денеска започнаа градежните активности на затворениот базен, кој ќе биде во
рамки на спортската сала “Наум Наумовски Борче,, , попозната како Партизан, во Карпош.

4. Култниот спортски објект освен што ќе биде целосно обновен како внатрешно,
така и надворешно, ќе добие и затворен базен. Со тоа, овој спортски комплекс
повторно ќе го врати својот сјај и функционалност, а кои ќе имаат можност да го
користат жителите на Општина Карпош и пошироко. Пливачкиот објект ќе биде со
големина 33х40 метри и длабочина до 1,4 метри, комплетно затворен, а ќе биде
поврзан со топла врска со спортската сала. Оваа инвестиција, финансирана од
Владата преку Агенцијата за млади и спорт, чини 760 илјади евра. Увид во
градежните активности денеска направија Градоначалникот на Општина Карпош,
Стевчо Јакимовски, Премиерот на Владата на Република Македонија, Димитар
Ковачевски и Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски.

-По многубројните инвестиции кои заедно со Владата и Агенцијата за млади и спорт
ги реализиравме, еве сме при крај и со култната спортска сала “Партизан,, , која е од
огромно значење за жителите на Карпош, пред се за учениците од основните училишта.

Особено ми е драго што сите ветени објекти кои со заедничка инвестиција од Владата се
започнати, се веќе и завршени. Навистина ќе ми биде многу мило, вакви објекти да се
реализираат што повеќе низ сите општини во Република Македонија, да се поддржуваат спортските таленти, да имаат навистина каде спортски да се надоградуваат и развиваат – истакна Јакимовски.

На оваа средба, се обрати и Премиерот на државата, Ковачевски.
– Оваа сала ќе добие нов урбан лик, во која што граѓаните на Карпош ќе имаат каде
да го поминуваат слободното време и пред се да спортуваат. Со почетокот на изградбата на пливачкиот објект кој го означивме денес, и реконструкцијата на спортската сала “Партизан,, , се гради целосен спортски комплекс кој ќе биде во функција на младите, спортистите и рекреативците. Воедно, се привршуваат работите на комплетната обнова на салата, кои што треба да завршат некаде кон средината на октомври. Целосната реконструкција на салата “Партизан,, , изнесува 1,1 милион евра, вклучувајќи го и затворениот базен – рече Ковачевски.

Партизан повторно ќе биде место каде што ќе се афирмираат младите
спортисти во различни спортови и од каде ќе произлезат многу нови спортски
имиња. Инвеститори на проектот се Агенција за млади и спорт и Општина Карпош.
Изведувач на градежните работи е фирмата „Спектатермо ДОО Скопје“.