Премиерот Зоран Заев заедно со министрите за надворешни работи и здравство Бујар Османи и Венко Филипче утрово замина во Бугарија. Тие најпрво ќе ја посетат болницата каде се лекуваат преживеаните патници од сообраќајната несреќа во која загинаа најмалку 45 македонски државјани. Потоа Заев ќе има средба со премиерот Стефан Јанев, кој утрово бил на местото на несреќата.
„Голема трагедија. Загинати се 12 деца, а останатите се млади луѓе од 25 до 30 години. Се враќале од Турција и на магистралата Струма од Софија кон Благоевград се случила несреќата. Телефонски разговарав со еден од преживеаните патници, се слушнала експлозија, а тој заедно со другите кои се спасиле ги кршеле стаклата на автобусот и успеале да излезат од него“, изјави премиерот Зоран Заев за бугарски медиуми.
Според првите информации, автобусот е на фирмата „Беса транс“, регистрирана во село Рашче, Општина Сарај.