ЕВРОПСКАТА УНИЈА ЗАСИЛЕНО ЌЕ ЗАПОЧНЕ ДА ГО ПОДДРЖУВА РУДАРСТВОТО

0
251

Меѓу 16-те критични минерали ЕУ ги вбројува литиумот, бакарот, кобалтот, титаниумот и други. Европскиот Парламент минатиот месец ја усвои директивата за критични суровини со 543 гласови „за“, само 43 „против“ и 24 воздржани. Со неа се предвидува значително намалување на роковите за издавање дозволи за експлоатација на руда, а се очекува да стапи во сила оваа пролет, откако текстот ќе биде потврден на Самитот на ЕУ закажан во март.

– Започна трката во која ќе доминираме со технологијата со чиста енергија во иднина – истакна неодамна претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен.Директивата доби зелено светло и од екологистите што ја поддржуваат Зелената агенда на Унијата до 2050 година, но и од стопанските комори на ниво на ЕУ, кои го истакнуваат економското значење.

– Директивата за критични суровини е важен прв чекор за надминување на предизвикот за снабдување со метали во Европа. Ова е почеток на многу поголема промена на политиката за навистина да се поттикнат инвестициите во ЕУ – изјави Евангелос Митилинеос, претседател на трговската асоцијација Eurometaux.

Од друга страна, според асоцијацијата Euromines, Европската Унија се довела во оваа ситуација поради долгогодишната запоставеност на домашната рударска индустрија во Европа, бидејќи евтини руди непречено се увезувале од земји со ниски еколошки стандарди.

– Зелената транзиција мора да започне во рудникот. На крајот на краиштата, соларните панели или ветерниците не само што треба да произведуваат зелена енергија – тие најпрвин мора да бидат направени од зелени суровини. ЕУ мора да се врати на рударската карта преку дозволи за рационална експлоатација, а земјите-членки треба да испорачаат нови рудници – потенцира генералниот директор на Euromines, Ролф Куби за Еурактив.

Шведска е веќе подготвена за олеснување на процедурите за експлоатација на минерални суровини и отворање рудници и чека директивата да започне да се применува. Од шведската државна рударска компанија ЛКАБ соопштија дека наишле на големи откритија на ретки минерални суровини во северниот град Кируна. Според ЛКАБ, наоѓалиштето има потенцијал да стане најзначајниот рудник во Европа за критични суровини.

– Ако сакаме да имаме иднина без фосилни горива ни треба шест пати поголемо производство на минерали во 2040 година отколку денес. ЕУ користи 30 отсто од металните минерали на светско ниво, но само три отсто од нив се извлекуваат од рудници во Унијата – нагласи извршниот директор на ЛКАБ, Јан Мостром.

Додека Унијата се подготвува за масовен ископ на суровини со кои ќе се исполни зелената транзиција за посигурна и поздрава животна средина, Македонија во рударството заостанува. Во последните 40 години во земјава е отворен само еден нов рудник „Боров дол“, кој всушност претставува површински коп и продолжување на векот на работа на „Бучим“ за минимум десет години каде се преработува бакарна руда. Во меѓувреме, сите нови инвестиции во рударството беа запрени или тапкаат во место. Последно, запрена беше инвестицијата во рудник за бакар во Казандол, Валандовско. Тогашната Влада, веројатно под притисок од дел од јавноста, ја одзеде дозволата на англиско-украинскиот конзорциум Сардич, кој потоа се реши правдата да ја бара преку меѓународна арбитража. Низ домашните правни лавиринти пак, сѐ уште тапка во место инвестицијата во рудникот за бакар во Иловица, на канадската групација Трафигура, која тука е застапувана преку „Еуромакс ресоурсес“. Од фирмата неколку пати повикаа инвестициите во рударството да не се политизираат, особено откако нивната намера за вложување 340 милиони евра во рудникот се наметна како тема во предизборието во југоисточниот регион.

Дел од експертите веќе апелираа оваа стопанска гранка да не се става во контекст на дневно-политичка агенда и предизборни калкулации. Тие додаваат дека изградбата на рудниците е прашање на иднината од кое зависи и економската стабилност на државата и нивната работа надминува еден политички мандат на Собрание, Влада, Претседател, градоначалници и локални совети. Воедно, партиите веројатно веќе се свесни дека ЕУ во врска со интеграцијата на Западниот Балкан во индустриските синџири на снабдување, ги предвиде и земјите-кандидати да бидат дел од директивата за критични суровини и вети поддршка за развој на индустриската гранка. Инаку, инвестициите во рударството кај нас не се остваруваат претежно поради неиздадени концесии, а други поради одамна запрениот процес на добивање концесии за истражување и за експлоатација на минерални суровини.