СЈО ќе приведува ако сведоците двапати ги игнорираат поканите!

0
1125

Нема можност за бегство или за нејавување на поканите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) на лицата кои тоа ќе ги повика како осомничени или како сведоци повеќе од два пати, појаснуваат од ова обвинителство за порталот СДК.мк по информациите дека некои од сведоците во предистражните постапки изјавувале дека се на одмор или службен пат, или пак едноставно ги игнорирале поканите.

Тоа се однесува и на лицата кои доставиле и боледување како оправдание, како што е случајот со еден од клучните сведоци кого СЈО го канело уште од мај.

По две недоаѓања на распит, третиот пат повиканите ќе мора да дојдат, инаку СЈО ќе издаде налог за присилно приведување, ја објаснуваат постапката од тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева.

Специјалното обвинителство ќе издава налози за приведување или за лишување од слобода, сеедно дали повиканите се во Македонија, или се во странство.

„Веќе имаме одлична соработка со правосудните органи со земјите од ЕУ, со САД и со државите од поширокиот регион. Нам ни стојат на располагање познатите механизми за меѓународна соработка. Ќе ги употребиме сите механизми, па ако треба и ќе распишуваме потерници и предавање на евентуалните избегани сведоци и осомничени преку Интерпол“, велат од СЈО.

На прашање како СЈО би реагирало ако некои апсења предизвикаат и протести, или немири во државата, од таму велат дека со сите ќе се постапува на ист начин како што се постапува во кривична постапка за сите останати граѓани.

„Ако постојат ризици, истражителите ќе го известат МВР. Тоа ќе биде тест за полицијата и за останатите институции дали ќе постапат како што предвидува законот“, велат од СЈО.