ЕВН СО РЕАКЦИЈА : НЕ Е ТОЧНО ДЕКА РКЕ НИ ГИ ПРИЗНАВА СИТЕ ЗАГУБИ НА СТРУЈА ВО СИСТЕМОТ

0
488

Електродистрибуцијата ги набавува загубите на електрична енергија по цена од 175 евра за MWh, што значи дека набавката на 120 GWh непризнаени загуби ја чини компанијата над 20 милиони евра непризнаени трошоци.

Не е точно дека сите загуби на електрична енергија се признаваат и влегуваат во цената на електричната енергија, објаснуваат од ЕВН Македонија. Преку соопштение од компанијата информираат дека Регулаторната комисија за енергетика признава само дел од вистинските загуби на електрична енергија, додека значителни количини на загуби на електрична енергија не се признаени и паѓаат директно на товар на компанијата, а не на корисниците. Како што објаснуваат од ЕВН согласно планот за намалување на загубите РКЕ зема потценети вредности односно признава пониски вредности за над 2 процентни поени на загуби.

„Оваа година, Електродистрибуција ги набавува загубите на електрична енергија по цена од 175 евра за MWh, што значи дека набавката на 120 GWh непризнаени загуби ја чини компанијата над 20 милиони евра непризнаени трошоци. Доколку истите количини се набават по актуелните пазарни цени, загубата е неколкукратно повисока. Ова претставува огромно финансиско оптоварување за компанијата која директно влијае врз нормалното вршење на дејноста“ велат од ЕВН.

Во периодот до 2022 година, ЕВН успеале да ги намалат загубите до ниво од околу 14%, додека нивото на загуби на електрична енергија во 2006 година, во електродистрибутивната мрежа било 28% од енергијата влезена во дистрибутивниот систем. Загубите на електрична енергија како што објаснуваат од ЕВН се состојат од технички и комерцијални. Првите според образложението настануваат во самиот систем односно се губи енергија при самото работење на енергетската инфраструктура и се неизбежни, а комерцијалните се кражбите на електрична енергија со кои и денес се соочуваме.

Во однос на сметките за струја од ЕВН потенцираат дека ставката за пренос и дистрибуција на електрична енергија и досега беше дел од структурата на сметката за електрична енергија, интегрирана во тарифите за енергија, а сега со новата одлука на РКЕ, се издвојува посебно. Со тоа како што велат крајната сума на сметката за потрошена елeктрична енергија е иста без оглед дали преносoт и дистрибуцијата се одвоени со посебна ставка или не. Разликата е што со новата одлука на РКЕ, корисниците имаат транспарентен увид во целосната структура на сметките за електрична енергија.

„Надоместокот за користење на преносниот и дистрибутивниот систем се добива како производ од потрошената енергија и тарифата за пренос и дистрибуција согласно Одлуката на РКЕ. Бидејќи ЕВН Хоме е регулирана компанија, секоја тарифа во врска со електричната енергија се одредува од страна на РКЕ. ЕВН Хоме не одредува цена за ниту една ставка во фактурите за електрична енергија“ соопштија од ЕВН.