Дрвокрадци сечеле бука, а службеник од шумското во Велес со фалсификат документи им обезбедувал легален превоз на украдените дрва. Полицијата ги открила матните зделки на крадците и референтот за превоз и дотур на дрва од шумското стопанство Бабуна. Осомничени се четворица, вработениот во шумското и уште тројца дрвокрадци. Со фалсификат документи и печати на дрвата, дрвокрадците без проблем требало да ги поминат контролите на шумската полиција и Алфите. Според истрагата на полицијата, пред две недели дрвокрадците откако го наполниле камионот со бука, вработениот во шумското им дал фалсификат документи и ги жигосал дрвата иако знаел дека биле украдени.
-Испратницата со невистинита содржина му ја дал на второ пријавениот кој во својство на возач на ТМВ бил сопрен и контролиран од страна на единицата за прв одговор и интервенција Алфа и Шумската полиција со што било откриено дека вршат кривично дело – изјави Дејана Недељковиќ портпарол на МВР.
Штетата која осомничените ја направиле на буџетот е околу 1000 евра, но четворицата осомничени се соочуваат со 7 кривични дела. Тројцата дрвокрадци МВР ги товари за кражба, вработениот во Шумското ќе одговара и за злоупотреба на службената положба, фалсификат и помагање.
Со години, полицијата води битка со дрвокрадците кои ги пустошат шумите низ државата. Според МВР, во последните две години има украдено 43.269 метри кубни дрва, а штетата е над 2,5 милиони евра. Кривично одговараат 777 лица, меѓу нив најмногу има дрвокраци, но и службеници кои злоупотребувајќи ја функцијата овозможиле нелегална сеча и транспорт на огревно дрво.
Извор: Алфа