ДОПОЛНИТЕЛНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА КАМАТНИТЕ СТАПКИ НА НАРОДНА БАНКА, СЕГА СЕ НА НИВО ОД 4,25 ПРОЦЕНТИ

0
401

Каматната стапка на благајничките записи се зголемува за 0,75 процентни поени и сега е на ниво 4,25 проценти, одлучи Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

– Согласно со зголемувањето на основната каматна стапка, зголемени се и каматните стапки на кредитот преку ноќ, расположливите депозити преку ноќ и на седум дена, исто така за по 0,75 процентни поени, соопшти денеска Народната банка. На седницата, одржана вчера, одлучено е понудата на благајнички записи на редовната аукција да остане непроменета и да изнесува 10 милијарди денари.

Од централната банка информираа дека и Советот на централната банка има донесено одлука за промена на стапките на задолжителна резерва на банките, заради натамошно стимулирање на штедењето во домашна валута. 

– Измената на овој инструмент, којашто е четврта по ред оваа година, опфаќа зголемување на стапката на задолжителна резерва на банките за обврските во странска валута од 18 на 19 проценти. Зголемен е и делот од задолжителната резерва во странска валута којшто банките го исполнуваат во евра, од 75 проценти на 77 проценти, со што се зајакнува ефектот од промената во овој инструмент. Се очекува дека со мерката ќе се засилат започнатите промени во каматната политика на банките и дека банките ќе понудат поповолни камати за сите категории денарски депозити, придонесувајќи за посилен раст на штедењето во домашна валута. Истовремено, со оваа промена би се придонесло за оптимално управување со ликвидноста, велат од Народна банка. 

Со овие промени, како што посочуваат, се задржува континуитетот на затегнување на монетарната политика користејќи поширок сет монетарни инструменти, коешто започна уште од крајот на минатата година, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и на среднорочната ценовна стабилност.  

– Промените во поставеноста на политиката на Народната банка се реакција на зголемените ценовни притисоци. Инфлацијата во последните месеци забрза, за што растот на цените на храната има најголем и растечки придонес. Тоа го нагласува влијанието на увезените ценовни притисоци од храната и енергијата врз домашната инфлација, врз коишто монетарната политика нема директно влијание. Сепак, имајќи ги предвид преносните ефекти и подигнувањето на инфлациските очекувања, овие поместувања во инфлацијата наметнуваат потреба од монетарна реакција, оценуваат од Народната банка. 

Според централната банка, од исклучителна важност е водењето претпазливи домашни политики и внимателното управување со домашната побарувачка. Според тековните остварувања и оцените за увозните цени, ризиците за инфлацијата се нагорни, се наведува во соопштението. Домашниот девизен пазар е стабилен, а во однос од активноста во домашната економија, од Народната банка информираат дека расположливите податоци упатуваат на забавување на реалниот економски раст.