ДИРЕКТОРОТ НА БЈБ ПРИ МВР САШО ТАСЕВСКИ НА ТЕМА БОРБА ПРОТИВ ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ И ИЛЕГАЛНА МИГРАЦИЈА СЕ СРЕТНА СО ДИРЕКТОРИ НА ПОЛИЦИСКИ СЛУЖБИ ОД РЕГИОНОТ, ТАСЕВСКИ ОСТВАРИ СРЕДБА И СО ДИРЕКТОРОТ НА ЕЛИНСКАТА РЕПУБЛИКА КОНСТАНТИНОС СКОУМАС

0
663
Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР Сашо Тасевски во рамки на утрешната конференција на директори на полициски служби од регионот денеска имаше средба и со Константинос Скоумас, директор на полицијата на Елинската Република.

На средбата и двајцата директори истакнаа дека заеднички императив е борбата против организираниот криминал и илегалната миграција, а како соседи, неминовна е и прекуграничната соработка особено во делот на граничното работење.

„Миграциската криза не само што не ги заобиколи нашите држави, туку значително ги оптовари и сè уште ги оптоварува националните буџети, човечките ресурси и меѓународната комуникација. Верувам ќе се согласиме дека миграциската криза доведе до пораст и во вршењето криминални активности, особено во полето на илегалната миграција и криумчарењето мигранти.“, потенцираше на средбата директорот Тасевски.

Директорот на БЈБ изрази и благодарност за поканата од страна на грчката полиција за аплицирање за проектот NESTOR, за автоматизиран надзор со долг дострел и заштита на морски и копнени граници, како и за поканата од Центарот за безбедносни студии KEMEA при грчкото Министерство за цивилна заштита за наше учество и приклучување кон Проектот во улога на надворешен корисник.

Директорот на полицијата на Елинската Република, Скоумас посочи дека криминалот се развива многу брзо, поради што се наметнува потребата да се биде во чекор со него, да се соработува во многу области, особено во борбата против трговијата со дрога и илегална миграција.

Тој на крај упати покана до директорот на Бирото за јавна безбедност, м-р Сашо Тасевски, наскоро да ја возврати посетата во седиштето на Елинската полиција во Атина, со цел организација за потпишување на заеднички протоколи и отпочнување со активности за нивна реализација.