ДЕДО СТЕФАН ЗА БОЖИЌ НАМЕСТО РЕЛИГИСКИ ОДРЖА ВМРОВСКИ ПОЛИТИЧКИ ГОВОР – АХ БЕ ПОПЕ, СИ ГО ПРАШАЛ ЛИ КАКО ЖИВЕЕ НАРОДОТ, ЛЕСНО ТИ Е ТЕБЕ ДОЖИВОТНО ЌЕ ЖИВЕЕШ КАКО КРАЛ СО ВОЗАЧИ, БЕЗБРОЈ СЛУГИ ВО ДВОРЦИ НА МПЦ

0
1774

Поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан со традиционално Божикно послание го честита празникот на Христовото раѓање на верниците.

„Ова, нашево време, е време кога особено се испитува нашата вера. Животот на народите, и покрај сите постигнувања, постанува сè потежок и понеизвесен. Живееме во време со многу кризи: на економски, политички, социјален, образовен, здравствен и особено на морален план. Во светот секојдневно има сè повеќе човечки трагедии и страдања; сè повеќе царуваат самољубието, бесчувствителноста, жестокоста, лицемерието, зависта, горделивоста, а љубовта сè повеќе е заменета со омраза и доброто со зло! А тоа е така зашто сè помалку Го имаме Христа во животот, а и на другите не им го правиме она што сакаме другите нам да ни го прават. Затоа и не можеме да ја разбереме целта на човековиот живот и неговата смисла, ниту, пак, можеме да го најдеме патот на спасението – зашто се оддалечивме од Бога, но и едни од други. Отуѓувањето од Бога значи духовна смрт и чекорење во темнина. Ние луѓето како да заборавивме дека без Него, без Бога, не ќе можеме да правиме ништо“, наведува владиката Стефан во посланието.

Тој истакнува дека пандемијата ни докажа колку човекот е немоќен и покрај сета своја самоувереност и покрај сите свои достигнувања и знаења. Поглаварот вели дека најстрашната пандемија на денешницата е тоа што луѓето „заборавија да Го љубат Бога и да ги љубат ближните. А покајанието и поправањето се најдобриот лек против сите болести на телото и на душата.“

Поглаварот се освернува и на тоа дека и во 21-от век продолжува оспорувањето на правото за национално самоопределување, како и непочитувањето на човековите права и слободи.

„Сегашноста и иднината не создале и не можат да создаваат минато или, по нечија желба, да го менуваат истото. Само луѓето и народите, поучени од минатото, можат да се менуваат и да се поправаат, за лошото да не се повтори. А историјата ни сведочи дека на сè што се потпира врз сила и невистина, кога-тогаш му доаѓа крајот. Затоа, како македонски народ, пред никого и за ништо да не отстапуваме од своето, од вековното!“, наведува поглаварот.

Тој нагласува дека добриот однос со Бога и со луѓето постојано треба да се создава и да се негува. „Но треба и да се научи, па затоа е многу важно какво образование ќе им понудиме на сегашново и на идните поколенија, и во семејството и во школството. Само доколку во родителскиот дом и во училиштето се негуваат моралните и воспитните вредности, ќе можеме да имаме надеж и како држава и како народ. Не смее да се допушти нарушување на вистинските права и вредности, и да не дозволиме да се обнови веќе видениот систем на богоборно едноумие!“, додава тој.

На крајот поглаварот на МПЦ порачува: Нека годината којашто доаѓа биде време на победа над злото и над непријателствата коишто владеат со светот, да биде време благопријатно за изобилни духовни плодови и време во кое ќе заврши страдањето од подмолната болест; нека биде и време на благодарност до здравствените работници, чија саможртва треба да биде за пример. На сиот наш народ, овде во Татковината и насекаде по светот, им ги честитаме божикните празнувања, поздравувајќи ги со серадосниот поздрав: Христос се роди! Честито и од Бога благословено новото лето Господово!