ДВА ДЕНА ПОЖАРИ НА НОВИ ДЕПОНИИ ВО ТЕТОВСКО, ПОДРАЧЈЕТО ПОВТОРНО СЕ ГУШИ ВО ЧАД И СМРДЕА

0
373

Територијалната противпожарна единица Тетово вчера и денес повторно интервенира на повеќе пожари што се појавија на депонии, а најголема од сите која беше видлива дури од градот и автопатот кон Скопје беше кај Добарце, Општина Желино. Покрај Добарце, горат депонии и кај Јеловјане и Гајре.Два дена трае борбата на пожарникарите кај Добарце, и покрај тоа што имаат помош од општината со механизација.

-Противпожарната единица Тетово само денес имаше 11 пожари, а од вчера се справуваме со пожарот кај депонија кај Добарце. Се ангажираше општината со фирми, донесоа багери и механизација, се трудиме да се гаснеме, со вода а тие потоа затрупуваат со земја. Навистина не можеме да се справиме со сите овие толку големи пожари. Цел Полог гореше, сите ние треба да ги изгасиме, ниедна институција не излегува на пресрет, за да ни помогнеме, ни ЦУК ни ДЗС, а сите се на отворено, информираше Авни Амети, командир на ТППЕ. Според Амети, голема трагедија е спречена на пожарот на отворено над Тетово, односно улицата „146“.

-Најтешкиот беше на улица „146“ каде на отворено гореше,  голем пожар за малку ќе фатеше неколку куќи, а сите таму се залепени објекти. Денес беше чудо. Намерно палат за забава и оставаат огнови, па после ние се бавиме со шумски пожари. Ќе имаме тополи денови да не се палат огнови на отворено, се надевам на дожд затоа што е премногу за нас. Многу е ризично, сушно е, а не сфаќаат дека е сериозна работата, со палење на сметот по ниви и во шуми, изјави Амети. Поради повеќето пожари на смет, повторно и низ Тетово се чувствува смрдеа, а има и чад.