БУГАРИЈА ЈА ДРЖИ НАДВОРЕШНАТА ПОЛИТИКА НА ЕУ ВО ЗАЛОЖНИШТВО, ЕКС ЕВРОАМБАСАДОРОТ ФУЕРЕ: ЗЕМЈИТЕ-ЧЛЕНКИ НА ЕУ НЕ ВЛОЖИЈА ДОВОЛНО НАПОРИ ЗА ДА ЈА РАЗУБЕДАТ БУГАРИЈА ЗА ВЕТОТО

0
1226

Центарот за европски политички студии (ЦЕПС) објави анализа на бугарско-македонскиот спор во контекст на ЕУ интеграцијата на Северна Македонија и предупредува дека вовлекувањето на идентитетските прашања може ЕУ скапо да ја чини.

Анализата е напишана од поранешниот ЕУ амбасадор во Северна Македонија, Ерван Фуере, кој соработува повремено и со ЦЕПС каде се посветува во голем дел на Западниот Балкан и ЕУ.

Во пресрет на Советот за општи работи на ЕУ на крајот на јуни каде Северна Македонија чека дали ќе се надмине ветото на Бугарија и ќе започнат преговорите со ЕУ, ЦЕПС пишува дека Бугарија на земјите членки на ЕУ им презентира еднострана верзија на историјата за време и по Втората светска војна, верзија која ја наведе Софија да бара од Северна Македонија признавање на бугарски корени на идентитетот и јазикот.

Фуере како Ирец по потекло, влече паралела во својата анализа со Ирска и Обединетото Кралство и истакнува дека доколку се следеа историските аргументи во времето на интегрирањето на овие земји во ЕУ, тие немаше никогаш да станат земји членки и додава дека историските дебати не можат да се решат за една или две, па ни десет години.

“Од причини кои се чини повеќе се поврзани за домашната политика, бугарските политички партии одлучија дека сега е најдобро време да ја туркаат нивната верзија на историјата дури и на штета на нивниот најблизок сосед. Тие воедно ја држат политиката на проширување на ЕУ во заложништво” – пишува Фуере во студијата на ЦЕПС.

И додава дека со ова Софија исто така ги поткопува принципите и условите за зачленување во ЕУ.

Но поранешниот амбасадор во Северна Македонија упатува критики и до другите земји членки на ЕУ, за кои смета дека вложиле недоволно напор за да ја разубедат бугарската страна.

“Со техничка влада сега во Бугарија и со нови избори закажани за 11-ти јули се чини дека има многу малку надеж за напредок на време за состанокот на Европскиот Совет на 22-ти јуни” – предупредува Фуере.