ДАНЕЛА АРСОВСКА ВО ДРУШТВО НА ДРАГАН МИТКОВСКИ НА ОТВОРАЊЕ НА ШТАБ НА НОВА АЛТЕРНАТИВА ВО СТРУМИЦА

0
289

На една од неколкуте фотографии се гледа и лицето Драган Митковски, во јавноста познат како Драги Книга, за кого таа во неодамнешното интервју за „360 степени“ рече дека е пријател на нејзиното семејство повеќе од 20 години.За неговата улога во Град Скопје, Арсовска тогаш не даде прецизен одговор.

Таа на Фејсбук напиша дека го отсвириле новиот изборен штаб на Нова алтернатива во Струмица и порача „борбата за подобра Македонија никогаш не запира“.„Насмеани луѓе, храбри и одлучни заедно здружени конечно да ставиме крај на погубните политики поради кои во Македонија секоја година сѐ полошо се живее, сѐ повеќе млади се иселуваат затоа што не веруваат дека има правда. Да ставиме крај на тридецениското самоволие и неказнивост. Нова енергија, нови луѓе, НОВА АЛТЕРНАТИВА!“,напиша таа.

Во интервјуто за „360степени“, Арсовска не даде ниту прецизен одговор на прашањето како би ја дефинирала позицијата, односно улогата на Драган Митковски и рече дека прашањата на оваа тема се водени од спинови на „мицковистите“.

„Ако имате некакви прашања вие за него, слободно обратете му се и прашајте го. Не ве разбирам што ви е поентата“, рече таа.Во продолжение еве како течеше конверзацијата со Арсовска на оваа тема во интервјуто за „360 степени“, емитувано на МРТ 1 на 26 февруари годинава.

360°: Како би ја дефинирале позицијата, улогата на Драган Митковски, во јавноста познат како Драги Книга?Арсовска: Не знам. Што ви е прашањето, која ви е целта?

360°: Често ве гледаме во негово друштво.Арсовска: Од сите пријатели вие сега правите „пребир и прескок“ (случаен избор, н.з.) на национална телевизија за кого треба да дискутираме?

360°: Па, мислам дека е релевантно прашањето. Јас Ве имам видено на повеќе јавни настани во друштво на Драги Митковски. Зошто, што е проблем да Ве прашам?Арсовска: Не, нема никаков проблем. Затоа што тоа е и еден од… Гледам во текот на целото интервју се водите од спиновите на „мицковистите“ и тоа што го презентирате или се обидувате да го презентирате е нешто што е став на мицковистичката методологија некој да се извалка во јавноста.

360°: Драган Митковски нема никаква улога, неформална?Арсовска: Тоа е нашиот семеен пријател, пријател на нашето семејство повеќе од 20 години. Не знам сега што ви значи во конкретниот случај.

360°: Добро ги знаете гласините дека во позадина тој е човекот што, практично, ги влече конците во Град Скопје?Арсовска: Господине Васко, и за вас многу гласини сме чуле, меѓутоа јас не разбирам што е поентата на комуникацијата. Врз чии гласини ние ќе се темелиме и нашите постулати и нашето работење, сè она коешто го застапуваме? Врз оние коишто се обидуваат секојдневно да нè етикетираат? Коишто се обидуваат да нè извалкаат секојдневно? Коишто во изминатите две години една работа што ја имаат кажано, ја немаат докажано? Од оние коишто излегуваа на прес-конференции да кажуваат дека бугарски автобуси ќе возат во Скопје пред една година? Вие гледате дека ниту возат бугарски автобуси ниту, пак, има нешто од нивните лаги. Од оние што сакаа да кажат дека пречистителна станица ќе граделе турски инвеститори? Па, вие гледате дека ништо од тоа не е вистина! Од оние коишто секој ден излегуваат и на говорница кажуваат работи коишто сите медиуми ги пренесуваа, а не ја пренесуваа спротивната страна? И кој е начинот да се одбраниме ние од тоа, знаете? Времето. Времето ни е најдобар сојузник во докажување на тоа што сите овие луѓе коишто го искажуваа, коишто лажат… дека не е вистина.

360°: Се сеќавате на периодот од 2016 година, имаше луѓе коишто тврдеа дека ништо не е вистина од тоа што тогаш се појавуваше во јавноста, па на крај ги чувме прислушуваните разговори и испадна дека не дупло, тродупло, петодупло од тоа е точно.Арсовска: Јасно, меѓутоа јас зборувам сега за факти и за аргументи. Вие можете да се враќате во историјата колку сакате, меѓутоа тие луѓе има причина зошто не се тука…

360°: Сакам да кажам времето може да покаже и обратно – дека ова е точно.Арсовска: Ама времето ги казнило. Како да е точно, возат ли бугарски автобуси низ градот Скопје? Како е точно? Турски инвеститор ли ја гради?

360°: Конкретно зборувам за господинот Драги.Арсовска: Па, господинот Драган е граѓанин на Град Скопје. Ако имате некакви прашања вие за него, слободно обратете му се и прашајте го. Не ве разбирам што ви е поентата.