ГРУЕВСКИ ДО МИЦКОСКИ : ТИ ИМАШ ТАЈНА СОРАБОТКА И ЗАЕДНИЧКИ ПЛАНОВИ СО ЗАЕВ

0
644

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, а сега бегалец во Унгарија, Никола Груевски, вечерва преку објава на својот фејсбук-профил го обвини актуелниот претседател на неговата партија, Христијан Мицкоски, дека имал тајна соработка и заеднички планови со претходниот лидер на СДСМ, Зоран Заев.

„И молк за Заев. За нивната тајна соработка и заеднички планови. Кои се темелите, целите, моралната димензија, националните позиции и идеологијата на новото сојузништво со З.Заев. Јас кога заминав тој беше наш политички заеднички противник, беше главниот ‘џелат’ на сите политички прогонети од ВМРО-ДПМНЕ, тоа беше влада која направи промена на името, уставот, националноста, идентитетот, историјата…со договорот со Грција, ги апсеа нашите пратеници за да ги уценат за гласање, Заев на телевизија тврдеше дека ‘Сичките сме сшти’, ‘един народ сме’ итн. До пред година-две ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека Заев е најкорумпираниот политичар, предавник“пишува Груевски.

Груевски на оваа тема во објавата упатува и прашања: Со тој ли сега политички сојузници треба да бидеме? Што се случи? И додава: „Сега гледам дека се плашат името да му го спомнат“.Објавувајќи го дел од петочното гостување на Мицкоски во ТВ Алсат, Груевски вели дека се што зборувал 3-4 дена за тајни средби во Будимпешата си го негирал на ова интервју.

„Да заклучам…Три дена молчев на нападите од Мицковски за да оставам простор да се види и да стане јасно кој сака меѓусебни расправии и раскол, кој напаѓа, кој ги дели луѓето во партијата принудувајќи ги на бесмислени подршки, и најмногу од се да ги видиме доказите за наводните тајни средби, документите, фотографиите итн. Ништо од тоа! Наместо докази – прераскажување филмови. Сега излезе дека тајните средби биле во 2015 година, пред 8 години, а интервјуто на Ахмети кое подоцна сите го демантираа, е дадено една недела откако Мицкоски на 5 септември дал интервју за ФАЦ. Некакви УСБ-а и пликоа пред две години, како делови од трилер во детски маалски летни вечерни разговори пред зграда на клупа. Практично се што збореше 3-4 дена за тајни средби во Будимпешата си го негира на интервјуто на Алсат М“ пишува Груевски.