ГРУБИ : НЕМА ПОВЕЌЕ ВРЕМЕ, НИТУ ПРОСТОР ЗА КАЛКУЛАЦИИ, ИЛИ СТЕ ЗА ИЛИ СТЕ ПРОТИВ ЕВРОПА

0
356

Скопје, 30 јануари – Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, г-дин Артан Груби денеска учествуваше на годишната владина конференција „2023- година на нови можности за економски развој и европски интеграции”.

„Политиката на нашата Влада е храбра и прогресивна, политика на нула проблеми со соседите и целосно регионално и евро-американско партнерство. Додека пак, политиката на страв е политика на уназадување, тоа е политика која одржува статус квота, а кога сите други напредуваат, тие што се заглавени во место, всушност, уназадуваат“, рече меѓу другото Груби во својот говор пред присутните .
Во продолжение целиот говор:

Почитуван премиер,

Почитувани министри, амбасадори, граѓански сектор, новинари,
Почитувани граѓани,

Пред една година реков дека клучен збор на првите 100 дена од нашата Влада е стабилноста.

Премиерот веќе кажа се останато и не сакам да се повторувам, но сакам да искажам некои политички позиции во однос на општествените актуелности.
Бевме реизбрани по неуспешниот обид во Собранието да се спречи почетокот на преговорите со Европската Унија со мотиви да се втурне нашата земја во непредвидливост.

Не дозволивме инсталирање на парламентарно мнозинство зависно од Москва кое ќе избира марионетска Влада на услуга на некој друг, а не на граѓаните.
Овие напори не престанаа. Ваквите закани се секојдневие на нашата власт, но тоа не не обесхрабрува. Напротив, уште повеќе не зајакнува да го реализираме она што им го ветивме на граѓаните, еднаквост, развој, интеграција, мир, безбедност и стабилност.

Покрај декларацијата за независност и Уставот, нашата земја има три основни документи кои овозможуваат реализација на нашите програмски определби: Охридскиот мировен договор, Дoговорот од Преспа и Договорот за добрососедство.Го заокруживме нормативниот дел од Охридскиот договор и сега неговата имплементација е секојдневие и ни овозможи да имаме рамноправно општество, сведоци сме дека не е донесена маргинализирачка, дискриминаторска одлука и нема никакви пречки во спроведувањето. Државата покажува лојалност кон заедниците, а заедниците и враќаат со лојалност.

Нашата држава не изгуби ништо, ниту од знамето, ниту од јазикот, ниту од општините, ниту од универзитетот, напротив, стана многу посилна и постабилна и овој процес и ја отвори европската перспектива на земјата. И по Охридскиот договор, сонцето повторно изгреа и сме истите, на исто место, но со многу поздраво општество.