ГАБЕР – ДАМЈАНОВСКА : ДА МУ ДАДЕМЕ ШАНСА НА СИНОТ НА ТАЛАТ ЏАФЕРИ

0
556

Дали во држава во која довербата во судството и во обвинителството е исклучително ниска, кога ќе слушнете дека синот на претседателот на Собранието ќе биде јавен обвинител, тоа придонесува за зголемување на довербата или не – беше едно од прашањата до директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска, при интервјуто во „360 степени“ на ТВ „Алсат“.

„Кога би била на негово место, а верувам дека таа е логиката на самиот кандидат, би се потрудила максимално, кога ќе стапам на должност, да покажам дека навистина работам професионално. Од таа причина, мислам дека навистина треба на сите овие млади луѓе кои се среќни што завршиле и се среќни што сега ќе стапат на должност, да им дадеме шанса, да видиме дали тие ќе работат професионално. Зошто однапред да сметаме дека некој поради родителот или поради некоја друга причина нема да ја врши својата работа совесно“, одговори Габер-Дамјановска.

Советот на јавни обвинители вчера донесе одлука да распише оглас за прием на 31 јавен обвинител, а меѓу 28-темина кандидати што може да конкурираат, најзвучното име за кое се крена врева во јавноста по објавувањето на конечната ранг-листа на оние што ја завршиле обуката на Академијата за судии и јавни обвинители, е Барлет Џафери, син на претседателот на Собранието, Талат Џафери.