ВНУКОТ НА АЛИ АХМЕТИ ЗА „МАКФАКС“: СЕМЕЈНИТЕ ВРСКИ НЕ ПОМОГНАА ВО КУПУВАЊЕТО НА ‘СОРАВИЈА’, ПАРИТЕ СЕ ЛЕГАЛНИ

0
872

Дрин Ахмети, внук од брат на Али Ахмети, за „Макфакс“ потврдува дека неговата компанија го купува трговскиот центар „Соравија“, лоциран во центарот на Скопје. Ахмети за „Макфакс“ посочува дека парите со кои се прави купо-продажбата се легални, а за бизнис-зделката не му помогнале семејните врски, ниту татко му Фекри, ниту чичко му Али Ахмети.

„Ниту една од моите семејни врски не помогна при купувањето на акциите во ‘Соравија Центар’“, вели младиот бизнисмен Дрин Ахмети за „Макфакс“.

Прашан за потеклото на капиталот, тој не даде одговор. Се повика на тајноста на договорот, а одговори најави за во септември.
„За потеклото на капиталот и поврзаните прашања околу тоа, сѐ ќе биде обелоденето во јавноста по завршувањето на периодот на НДА договорот, кон септември“, одговори Дрин Ахмети за „Макфакс“.
Дециден е дека сите пари се легални.

„Она што сега можам да го кажам е дека целиот капитал потекнува целосно од странските деловни активности на нашата компанија и нашите партнери, сѐ е легитимно и лесно докажливо“, додаде тој за „Макфакс“.Според информациите од Централен регистар, Дрин Ахмети е сопственик и управител на три компании и тоа: „Тхор индустриес“ која ја купува „Соравија; кичевската „Хелиос плант“ за производство на електрична енергија; „Еверест ЏД“ која исто така е од Кичево, а се занимава со градежништво.

„Хано Соравиа“, сопственик на трговскиот центар, задржуваат 10 отсто од акциите.
„Во договорот е наведено дека ‘Хано Соравија џи-ем-би-ејч’ ќе продаде 90 отсто од акциите во два нејзини клучни субјекти, ‘Соравиа инвест’ ДООЕЛ и ‘Соравиа менаџмент’ ДООЕЛ, притоа задржувајќи 10 отсто од акциите. Задржувањето на акциите од 10 отсто ја покажува континуираната верба и посветеност на ‘Хано Соравија џи-ем-би-ејч’ во растот на компаниите и потенцијалот на новото партнерство. Тоа означува гласање за доверба во можностите и искуството во индустријата на ‘Пе-вла-ку ШПК’ и ‘Тор индустрис’ ДООЕЛ за да се поттикне траекторијата на компаниите“, велат од „Хано Соравија“, фирмата која го продава објектот.