ВНУКАТА НА АЈАТОЛАХОТ ХАМНЕИ Е УАПСЕНА ПОРАДИ ТОА ШТО ГО ПОВИКАЛА СВЕТОТ ДА ГИ ПРЕКИНЕ ВРСКИТЕ СО ИРАН И ЗАТОА ШТО СЕ СВРТЕ ПРОТИВ ТЕХЕРАН

0
633

Иранските власти ја уапсија внуката на иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, откако таа снимила видео во кое властите предводени од нејзиниот вујко ги опишува како „убиствен режим и убивачи на деца“.

Нејзиниот брат Махмуд Морадкани на Твитер напиша дека таа била уапсена на 23 ноември откако отишла во канцеларијата на обвинител по добиена покана.

Потоа, на 27 ноември, нејзиниот брат објави видео на Јутјуб каде што таа го осудува „јасното и очигледно угнетување“ на кое Иранците биле изложени и ги повикала странските влади да ги прекинат сите врски со Техеран.

Таа се одлучила на овој чекор поради насилното задушување на народните немири предизвикани од смртта на младата Иранка во притворот на полицијата за морал.

Видео-снимката од изјавата на Фариде Морадкани, инженер чиј покоен татко бил истакната опозициска личност и шура на Хамнеи, масовно се споделува на интернет откако опозициската новинска агенција „HRANA“ соопштила дека Морадкани е уапсена на 23-ти ноември, пренесува „Reuters“.

„Слободен свету, биди со нас. Порачајте им на своите влади да престанат да го поддржуваат овој смртоносен режим кој убива деца. Овој режим не е верен на ниеден верски принцип и не познава никакви правила, освен сила и одржување на власт“, порачала Морадкани во своето видео.

Агенцијата „HRANA“ соопштила дека во текот на двомесечните немири убиени се 450 демонстранти ширум земјата, вклучувајќи 63 малолетници, дека животот го изгубиле 60 припадници на силите за безбедност и приведени 18.173 демонстранти.