ОД ТОЛКУ ШТО Е ‘СИРОМАВ’ ТЕЛЕФОНИСТОТ ДРЖАВАТА МУ КОНФИСКУВА НЕКОЛКУ МИЛИОНИ ЕВРА – ШЕСТ МИЛИОНИ ЕВРА ОД САШО МИЈАЛКОВ КОНФИСКУВАНИ ОД СТРАНА НА ДРЖАВАТА ВЛЕГОА ВО НАРОДНИОТ БУЏЕТ

0
520

На 17 ноември Агенција за управување со одземен имот на Министерството за финансии во буџетот му префрлила 374.638.383 денари, или 6,14 милиони евра.

Агенцијата за конфискација за прв пат во историјата откако е основана префрла во буџетот вака голема сума на пари. Досега, запленетиот имот главно се состоел во автомобили кои понатаму се распределувале на државните органи, или пак се одземале недвижнини со комплицирана понатамошната постапка за продажба по судски пат.

Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Фатон Асани, за „Фактор“ изјави дека овие пари се одземени од поранешниот директор на тајната полиција Сашо Мијалков и понатаму со нив ќе располага државата.

– Тоа е „сува“ пара од случаите со Сашо Мијалков и најдобриот резултат досега на агенцијата, не само јас откако сум директор, туку воопшто откако е основана. Можам да најавам само дека и во наредниот период ќе следуваат огласи на кои ќе биде објавуван одземен имот за продажба по претходна проценка на неговата вредност од Бирото за судски вештачења и дека очекувам нови приливи на финансиски средства, ни одговори Асани.

Претходно најдобар резултат, кога станува збор за готовина, оваа институција покажала во 2015 кога на два пати во буџетот биле префрлени по стотина милиони денари. Асани вели дека за подобри резултати потребни се повеќе професионалци и побара од Министерството за финансии да му ги одобри потребните вработувања. Единствено задоволен е од тоа што барем агенцијата добила нови поголеми простории за работа.

Претходно Мијалков ја призна вината во случајот „Империја“ за злосторничко здружување и противправно стекнување и прикривање имот. Тој со група други осомничени ги извршувал делата преку правни лица основани во државава на кои им била прикривана сопственоста, но и оф-шор компании во странство. Приходите стекнати со пренос на капиталот обвинетиот не ги пријавувал во анкетните листови, иако за цел период опфатен со истрагата извршувал јавна функција.

Обвинителството тогаш соопшти дека, покрај останатиот имот, на Мијалков ќе му се одзеде кеш од банкарската сметка на правното лице ДТУ Макпоинт ДООЕЛ Скопје и сите пари на сметка на фирмата Ексико.

Во 2018 на Порта Македонија беше поставен „бројчаникот“ кој требаше да покажува колку пари добива државата од продажба на конфискуван имот, но уредот никогаш не проработе.