ВИСТИНСКА ВЕРБАЛНА И ЖУСТРА ВОЈНА ВО СОВЕТОТ НА ГРАД СКОПЈЕ : АРСОВСКА ГО НАРЕЧЕ СЛАВЕСКИ ХИТЛЕР И КРАДЕЦ, ТОЈ Ѝ РЕЧЕ ДЕКА СЕДИ ВО МАГАРЕШКА КЛУПА И ЈА ИЗБРКА

0
595

На денешната седница за советнички прашања, Арсовска со поставен подвижен микрофон отиде на говорницата и му рече на Славески дека е Хитлер и крадец. (Видео: Град Скопје)

Со навреди и надмудрувања меѓу градоначалничката Данела Арсовска и претседателот на Советот Трајко Славески наместо да се збори за проблемите на граѓаните се одвива денешната седница за советнички прашања во Советот на Град Скопје.

Откако Славески кажа дека не може никој да збори од говорница, туку од место или од микрофонот до него, бидејќи сè уште не му е вратено копчето за вклучување/исклучување на микрофонот, од говорницата беше тргнат микрофонот. Арсовска си стави подвижен микрофон, а пред да ѝ даде збор Славески, тој ѝ рече на Арсовска дека уште еднаш ја предупредува дека не може да зборува од говорницата и да дојде напред наместо да седи во магарешка клупа на крајот од салата.

Арсовска со поставен подвижен микрофон отиде на говорницата и му рече на Славески дека е Хитлер и крадец.

„Господине Хитлер не ви доликува ова што го правите. Вие го кршите деловникот и сте крадец. Немате никаков интегритет”, рече Арсовска.

По ова, Славески даде пауза, а потоа рече дека ѝ го одзема правото на збор на Арсовска затоа што го кршела деловникот, вршела опструкции и недолично се однесувала.

Арсовска, шетајќи по салата, велеше дека не може да ѝ се одзема правото за збор и го викаше Славески деспот, по што тој ја прекина седницата.

„Ова е мојот дом, мојата куќа и не можете да ми го земете зборот. Вие сте деспот”, рече Арсовска.

Изминатите неколку седница откако Арсовска и ВМРО- ДПМНЕ се скараа, Советот на Град Скопје личи на циркуз, а не на место каде што се решаваат проблемите на граѓаните. Арсовска и Славески постојано се караат, таа се кара и со советниците од ВМРО-ДПМНЕ, а повеќе не седи ниту на градоначалничкото столче во првиот ред, туку на крајот од салата кај техничките служби.